Генералниот секретар на Обединетите нации вели дека „климатските промени се надвор од контрола“, откако неофицијалната анализа на податоците покажа дека просечните светски температури во последните седум дена, заклучно со средата, биле најжешки во историјата откако се вршат мерења.
„Доколку продолжиме да ги одлагаме клучните мерки кои се потребни, мислам дека се движиме кон катастрофална ситуација, како што покажуваат последните две податоци за температурата“, рече Антонио Гутереш, повикувајќи се на температурните рекорди кои беа надминати во понеделникот и вторникот.
Просечната глобална воздушна температура била 17,18 степени целзиусови во вторникот, според податоците на Американскиот национален центар за предвидувања на животната средина (НЦЕП), што го надмина рекордот од 17,01 степен достигнат во понеделникот.
За седумдневниот период заклучно со средата, дневните просечни температури биле 0,04 степени повисоки од било која друга недела во последните 44 години, откако се мери оваа статистика, соопштија од климатскиот оддел на Универзитетот во Мејн.
Од Националната администрација за океани и атмосфера (НОАА), чии цифри обично се сметаат за стандард во климатските податоци, рекоа дека не можат да ги потврдат овие неофицијални бројки. Тие посочуваат дека податоците кои се користеле не се соодветни како замена за реалните температури и климатски рекорди. Од НОАА ги мониторираат глобалните температури и рекорди на месечно и на годишно ниво, но не и на дневно ниво.
„Прифаќаме дека се наоѓаме во топол период поради климатските промени, комбинирани со Ел Нињо и летните услови забележуваме рекордно жешки површински температури на многу локации низ планетата“, изјавија од НОАА.
Сепак, научниците се согласни дека климатските промени влегуваат во непозната територија и дека зголемената топлина од глобалното затоплување предизвикано од човекот, комбинирани со враќањето на Ел Нињо, ќе води кон нови рекордно високи температури.
САД во вторникот го потврдија враќањето на Ел Нињо, спорадичен временски океанско-атмосферски феномен. Последниот Ел Нињо се случи во 2016 година, која досега е најтоплата година откако се врши мерење.