Ќе се организираат над 100 јавни настани за 30-годишнината од македонската независност

Повеќе од 100 јавни настани посветени на 30-годишнината од независноста ќе организираат над 130 компании и 500 домашни изведувачи опфатени со петтиот пакет мерки за индустријата за организирање на настани.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири во име на Владата вчера ги потпишуваа договорите со 33 компании со проекти за финансиска поддршка на индустријата и операторите за организација на настани. Тие имаат обврска и задолжително да ангажираат домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност на Северна Македонија.

„Задоволство ми е што денеска ги потпишуваме договорите кои се однесуваат за финансиска поддршка на индустријата и операторите за организација на настани, со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува еден значаен јубилеј – 30 години независноста на Северна Македонија. Со оваа одлука, за одобрување на средства од Буџетот на државата во висина од 61 милион и 499 илјади денари, односно околу еден милион евра, наменети за реализација на проекти на 33 компании од оваа дејност, успешно заокруживме постапка со која се помогнати не само економските оператори за организација на настани туку и голем број на домашните изведувачи и подизведувачи кои беа директно погодени од пандемијата во последните година и половина“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој додаде дека јавниот повик е мерка од петтиот сет и не е единствената поддршка која Владата ја обезбедува за индустријата за организација на настани, туку во рамки на шестиот пакет мерки ќе има директна финансиска поддршка на компаниите од индустријата во износ од 15.443.661 денари кои ќе бидат исплатени на трансакциските сметки на компаниите кои ги исполнија критериумите.

Од Влада соопштија дека добиле шаренолика понуда од компаниите за организирање настани како организирање фестивали, концерти, проекции, изведби, работилници, изложби, претстави, конференции, сесии, спортски и друг тип настани од јавен карактер, како дел од програмата со која треба најдостојно да се одбележи големиот јубилеј – 30 години македонска независност.