Ќе се обновува тунелот во Загреб во кој во 1993 година се одржал првиот рејв во Хрватска

Градските власти во Загреб бараат изведувач за обновата на тунелот Грич во градот, во кој во 1993 е одржан „Under City Rave“ – првата голема техно журка во Хрватска. Градоначалникот Милан Бандиќ ја најави реконструкцијата на тунелот уште во мај, но сега властите се решени да го спроведат овој проект, кој според најавите, ќе чини најмалку 2.5 милиони куни (околу 330 илјади евра).

Тунелот, кој последен пат бил во функција во 90-те, и тоа служејќи како скривница во случај на бомбардирање, веќе следното лето би требало да се претвори во културен простор во кој ќе се одржуваат концерти, изложби и собири, а во него би требало да се најде и „Музеј на сетилата“.

„Неколку компании изразија желба да учествуваат во проектот, така што ќе го спроведеме со што помалку пари од градскиот буџет. Попат ќе ги промовираме тие хрватски фирми кои ќе учествуваат во санацијата“, објаснил Бандиќ при последната обиколка на локацијата, напоменувајќи дека Градот ќе учествува само делумно во обновата на тунелот.

Централниот дел од тунелот ќе го заземе Музејот на сетилата, кој е замислен како виртуелен премин со површина од над 2000 квадратни метри, а во него, преку екрани, проекции и холограми ќе се прикажуваат содржини од историјата на Загреб.

Прочитајте ја и целата приказна за легендарната журка „Under City Rave“ во 1993.