Овие денови на сцената, како домашната (хрватската), така и на странската, постои море од уметници – одлични, генијални, добри, и малку помалку добри. Се гледаат нијансите, важна е презентацијата, да се биде на вистинското место во вистинското време. Кога сме тука, би било бласфемија да не зборуваме за првата вистинска журка во Хрватска, која се случила безмалку пред точно 22 години, пишува Mixmag Adria.
Секако, станува збор за едниот и единствен, како се чини, никогаш заборавен техно рејв спектакл кој се случил во 1993 во тогаш воената Хрватска, под наслов „Under City Rave“ или „Gotterdamerung“ (самрак на боговите). Да се организира таква журка тогаш, „тешка“ дваесетина илјади германски марки, било пионерски потфат. Разговараме со Дамир Цуцулиќ, еден од организаторите, кој ни објасни како изгледал тој настан и ни раскажа поединости за журката кои малку луѓе ги знаат.
Сцената во зачеток
Се што претходело на големиот „Under City Rave“ на загрепската техно сцена не било значајно, но сцената била во зачеток, постоел само труд да се организира нешто и таа да се изгради.
„Тоа беа почетоци во 90-те години. Се одржуваа некои мали журки, наводно првата журка била во КСЕТ (Клуб на студентите на електротехника). Се пушташе тој некој андерграунд, електронски техно звук, кој се уште немаше име, а Динко Бажадона и јас почнавме да организираме журки со наслов „Екстраваганца“ во средите и супер ни одеше. Собиравме по најмногу неколку стотици луѓе“, раскажува Дамир Цуцулиќ.
Во тоа време, тој и Ирена Шќуриќ имале емисија со наслов „Top DJ Mag“, која започнала во 1992, а во меѓувреме тие оделе и во странство, воспоставувале контакти со диџеи и снимале интервјуа со нив. Хип хопот и електронската музика веќе зела замав во светот, но во Хрватска сето ова уште било во повој. Малку по малку, екипата дошла до идејата да се организира некој поголем настан. Она што се изродило од таа идеја, никој од нив, но и од малубројната тогашна публика, не го очекувал.
„Всушност, се случи една чудна работа со двајца мои познаници, концептуалните уметници Дражен Грубишиќ и Недјељко Микац, кои се бавеа со сликарство и вајарство и имаа проект кој се викаше „Груб микс лавиринт“. Нивна идеја беше да се направи мултимедијален проект кој на некој начин би се споил со тогашната електронска музика и со рејв-забавите кои се одржуваа во странство“, вели Цуцулиќ.
Раѓањето на идејата
Во тоа време, организаторите се запознале и со Мате Галиќ, кој имал хрватски корени, но пораснал во Германија. Бил познат диџеј, кој имал емисија за хаусот на тогашната музичка телевизија Viva. И така се почнало.
„Кога падна идејата да правиме журка во тунел, сфативме дека мораме да имаме некое звучно име од странство – во Хрватска тогаш имаше вкупно десетина диџеи. Моравме и да го платиме, па одлучиме да побараме и некои спонзори. Не ни беше до заработка, тоа го правевме затоа што закавме на Загреб да му покажеме како тоа се работи. Јас ја составував програмата, Ирена исто така беше вклучена, а Динко ја среди таа екипа од Лондон: DJ Beamish, MC Vitamin K, URO MC и Cybertron X. Просторот во Тунелот ни го отстапи Музејот на современа уметност, тоа беше тотално лудо. Кога дојде Мате Галиќ од Германија, не можеше да верува. Рече дека ни во Берлин, ни во цела Германија не би можеле да добиеме таков простор на користење“, се присетува Цуцулиќ.
Неповторлива локација
Инаку, тунелот Грич во кој е организирана журката е дословно тунел – долг е неколку стотици метри и води од Месничка до Радиќева улица, во центарот на Загреб. Тоа биле катакомби кои се користеле како скривница во случај на опасност од бомбардирање, која во тие денови реално постоела. На екипата ова и послужило како своевидна метафора – скривницата која една година порано служела за криење од воздушни напади, сега станала место на кое луѓе доаѓаат за забава.
„Поставивме осветлени уметнички инсталации, а целата атмосфера беше зачинета со електронска музика. Во тоа време Хрватска се уште беше во воена состојба, сирените редовно завиваа, а голема работа беше тоа што имавме поддршка од телевизијата MTV. Во тоа време во светот немаше посилна музичка телевизија, а имаа и специјализирани емисии за андерграунд електронска музика. Бевме дел и од MTV News, а дојде и снимател од телевизијата. Човекот кој ни ја среди екипата од Англија која настапуваше беше надворешен соработник на списанието Mixmag и пријател на нашиот Динко, Kirk Field“, раскажува Цуцулиќ.
Невидено лудило во Месничка улица
Со оглед на тогашната сцена во Загрев, очекувавме дека ќе се појават најмногу 400 или 500 луѓе, а на крајот во тунелот дојдоа преку 3.000 рејвери. Улицата беше буквално блокирана, а ни приближно толку луѓе немаше шанси да влезат во тунелот. Успеаја да влезат 1.000 или 1.500 од нива, затоа што физички не собираше повеќе, а немаше ни воздух.
„Дури подоцна го сфативме тоа, но имавме луда среќа што никому ништо не се случи. Што се однесува на инфраструктурата, тој простор воопшто не беше погоден за ваков настан. Аматерски, со помош на спонзорствата, го организиравме тоа, па планиравме од шанковите и од картите да земеме по некој хонорар и да го дадеме во добротворни цели. На крај не се знаеше ни кој пие, ни кој плаќа, затоа што според мојата проценка, дојдоа 3.000 луѓе. Картите ги направивме многу едноставни, црно-бели, а беа многу евтини, 20 или 30 тогашни динари. Одеднаш се појави огромен број карти – луѓето кои дома имале фотокопир или принтери, масовно ги фотокопирале картите. Се случи хаос, веќе не се знаеше кој купил влезница во претпродажба, а кој ја фотокопирал. Редарите успеаја да ја смират ситуацијата и на крајот дел од луѓето мораа да си одат. Викавме дека нема воздух, дека нема место. Влагата беше милион проценти, се сеќавам дека и Зипо запалка не можеше да се запали. Во еден момент, од кондензацијата и од влагата од таванот буквално почна да врне, вода паѓаше по опремата. Среде ноќ, некој донесе најлон за да сето тоа го покриеме. Направивме импровизиран покрив преку опремата. Светлото во тој тунел функционираше како дома, најобични прекинувачи кои беа изгаснати затоа што имавме наместени сопствени светлосни инсталации. Во еден момент некој веројатно се потпрел со грбот до ѕидот и го запалил светлото – ова беше шок, сите почнаа да свират и да негодуваат. Проблемот беше во тоа што не можевме да го најдеме прекинувачот, за да го изгасиме светлото. Се сеќавам дека го зедов микрофонот и почнав да се дерам: „Угасесте го светлото, најдете го ебениот прекинувач“. На крајот некој го најде и го изгаси. На подот, прашината се претвори во кал – утрото околу 8:00, кога заврши журката, целата екипа беше во кал до глуждовите. Афтерот беше во клубот „Аквариус“, каде се пренесе целата кал“, се присетува Цуцулиќ на атмосферата.
„„Under City Rave“ е легенда, нека остане таму каде што му е местото“
Журката се одржала на 30 октомври 1993 година, ден пред верскиот празник Сите светци.
„Луѓето масовно повикуваа полиција поради вревата и нарушувањето на јавниот ред и мир, што не е чудно, со оглед на тоа дека целата Месничка улица беше блокирана од неколку илјади луѓе, сред ноќ. Ова беше за очекување, затоа што во тоа воено време, немало масовни настани од ваков тип. Им зборуваше на полицајците дека ова е реклама за Хрватска, дека првпат во војната дошле странци, Англичани, Германци. MTV не снима, сликите ќе го обиколат светот, немојте ова да го прекинувате, затоа што веројатно никогаш нема да се повтори. И некако, не знам како, не пуштија“, раскажува Цуцулиќ, кој се сеќава и дека како посебен гостин бил повикан и покојниот Дино Дворник, кој во тоа време бил многу популарен, но веќе никој не се сеќава дали воопшто настапил. Вели дека тоа останала енигма се до денешниот ден.
Цуцулиќ вели и дека сцената тогаш и денеска е невозможно да се споредува, па можеби половина од луѓето кои дошле на журката, знаеле каде дошле. Настапиле и Random Logic од Словенија, Мате Галиќ кој настапувал и на „Mayday“, тогашниот најголем рејв фестивал во Европа, кој имал 15 или 20 илјади посетители.
„Многумина веројатно првпат тогаш ја слушнале таа музика, доживеале некакви светлосни ефекти во таков простор. Звукот беше одличен, тоа всушност беше првиот андерграунд, почетоци на техно музиката. Тоа е настан кој ќе остане запишан во историјата на хрватската урбана техно рејв сцена. Тоа не може ни доволно добро да се опише, мора да бидеш таму за да тоа го доживееш. Луѓето беа позитивно шокирани и одушевени. Таква журка веќе не може да се случи, тоа беше сплет на околности. Не може да се спореди со денешните журки, ова денеска е индустрија. Сите фестивали одат по некој шаблон, копираат едни од други, се се врти околу истите 100 диџеи, милиони се во игра, така што се е неспоредливо“, заклучува Цуцулиќ и додава дека тоа му е најдрагата журка, за која Kirk Field од Mixmag, кој присуствувал, му рекол: „Не се обидувајте ова да го повторите, „Under City Rave“ е легенда, нека остане таму каде што му е местото!“.