Ќе се намали ДДВ-то на менструалните производи – Собранието ги изгласа измените на Законот за данок на додадена вредност

Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за данок на додадена вредност, со кој се намалува стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи.

Информацијата ја соопшти пратеничката Санела Шкријељ преку Фејсбук, која посочи на измените кои се долгогодишна заложба на активистките.

Иницијативата за намалување на данокот беше најавена од премиерот Димитар Ковачевски уште во декември минатата година, а текстот на предлог законот со кој се намалува ДДВ-то на менструалните производи беше усвоен во јули годинава. Со намалувањето на данокот се очекува да се намали цената на менструалните производи.

Според истражување на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и Реактор спроведено во 2021 година, 98% од 2.696 анкетирани се изјасниле дека ќе поддржат ослободување од ДДВ или намалување на даночната стапка на менструалните производи. Намалувањето на ДДВ-то на розовиот данок доаѓа во период на менструална сиромаштија кога според студијата „Менструална правда“ речиси секоја трета жена барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и морала да импровизира со крпи и хартија.

(Не)успешни иницијативи за бесплатни менструални производи во време на менструална сиромаштија

Од Министерството за финансии посочија дека даночната реформа како дел од поширок процес на реформи во јавните финансии доби поддршка во Собранието, истакнувајќи дека покрај измените на Законот за данок на додадена вредност, усвоени се и измените на Законот за данок на добивка.

„Даночната реформа е во насока на обезбедување поголема праведност во оданочувањето, со проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и  борба против сивата економија. Поконкрентно со Предлог-законот за Данокот на додадена вредност се врши усогласување со Диреткивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери. Воедно, се предлага продолжена примена на повластената стапка од 5%  за првиот промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели во рок од 5 години од изградбата, ревидирање на примената на повластената стапка на ДДВ, односно се намалува стапката од 18% на 5% за прометот на менструални производи и ќе стартува примена на повластена стапка од 10% кај дел од прехранбените производи кои не претставуваа основен дел од исхраната. Се воведуваат и одредени новини кои ќе придонесат за поедноставување на постапката за наплата на ДДВ“, посочија од Министерството за финансии.

Како што додаваат од ресорното министерство, вториот закон, кој е дел од даночната реформа е Законот за данок на добивка, со кој, како што велат, се обезбедува усогласување со препораките од Европската комисија и меѓународните финансиски институции, во насока на обезбедување подолгорочна стабилност на јавните финансии преку проширување на даночната база.

Дополнително, оттаму велат дека тој ќе придонесе и кон намалување на административниот товар на компаниите преку симплифицирање на одредени процедури од системот на данокот на добивка.

„Во Собранието покрај овие две законски решенија, беше усвоен и Предлог-законот за Данокот на солидарност, кој не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата. Односно, средствата кои по овој основ ќе се слеат во Буџетот ќе бидат планирани во посебната програмата за справување со кризата и наменети за антиркизни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. Опфаќа компании кои оствариле промет над 615 милиони денари во минатата година, а ќе го опфати делот кој претставува зголемување на добивката за 20% во однос на просекот од претходен 3-годишен период.  Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на ЕК, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг“, истакнаа од Министерството за финансии.