Кинотека во рамки на проектот Сезона на филмски класици ќе го реставрира Мис Стон

Македонскиот филм на Жика Митровиќ, „Мис Стон“ снимен во 1958 година, ќе биде реставриран од Кинотека во рамки на проектот „Сезона на филмски класици“ кој е во организација на Европската асоцијација на кинотеки – „ACE – Association des Cinémathèques Européennes“ .

Како што информираат оттаму, Кинотека со апликацијата за реставрација на филмот „Мис Стон“ е дел од 24 европски институции чиј главен фокус е зачувување на филмското наследство. Ова година проектот  „Сезона на филмски класици“ бил претставен за време на 77-мото издание на Канскиот филмски фестивал.

„По успехот од претходните години во кои Кинотеката ги реставрираше играните филмови ‘Мирно лето’ (1961), ‘Фросина’ (1952) и ‘Мементо’ (1967), како и трите етнолошки филмови на Вера Кличкова, за петтото издание на „Сезона на филмски класици“ Кинотеката дигитално ќе го реставрира ‘Мис Стон’. Премиерата на оваа дигитално реставрирана копија ќе се одржи на 21 септември во летното кино на Кинотеката, како и ширум Европа преку онлајн проекција во живо. Водејќи се од начелото за подигање на јавната свест за активностите на европските филмски архиви кои одговорно и неуморно работат на зачувување и промоција на филмското културно наследство и развој на кино кулутрата, особено кај помладите генерации, Кинотеката го одбра овој значаен филм за македонската кинематографија со цел да биде дигитализиран и презентиран пред домашната, но и пред европски филмска публика“, велат од Кинотека.

Филмот „Мис Стон“ ја раскажува приказната за киднапирањето на американската протестантска мисионерка Елен Стоун и нејзината сопатничка Катерина Цилка од страна на четата на Јане Сандански кои за нивно ослободување бара откуп кој треба да служи за финансирање на македонската револуционерна борба. Главните улоги ги толкуваат Олга Спиридоновиќ, Илија Милчин, Марија Тоциноски, Илија Џувалековски, Петре Прличко и др.

Филмот е снимен во колор синемаскоп техника, што своевремено била новина во југословенската филмска индустрија, а Олга Спиридоновиќ и Петре Прличко за своите улоги – Елен Стон и Манданата – биле наградени со „Златна арена“ за најдобра актерка и најдобар актер на филмскиот фестивал во Пула во 1959 година.

„Годинешната програма на ‘Сезона на филмски класици’ е курирана од 24 европски институции, а филмската програма на ова издание ќе понуди разноликост – од раните неми класици, до научно-фантастични и ноар филмови како и филмски дела кои кои ги допираат темите за човештвото, ропството и доминацијата, авторитарните режими и меморијата“, велат  од Кинотека и додаваат дека оваа година грантот за заедничка реставрација во вредност од 60.000 евра за поддршка на транснационални соработки меѓу филмски институции за зачувување и реставрација на филмот ја доби проектот за реставрација на играната копродукција „Крадец на праски“ (1964) на бугарскиот режисер Вуло Радев. 

Дигиталната реставрација на овој филм ќе се реализира во партнерството помеѓу Југословенската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив и Црногорската Кинотека.

Грант за реставрација доби и компилацијата на кратки филмови под наслов ФАНТАСТИЧНИ ЦВЕЌИЊА (1906-1920), која е соработка помеѓу Кралскиот филмски архив на Белгија, Ај Филммјузеум од Белгија и Филмскиот архив од Австрија.

Жирито кое одлучуваше за доделувањата на грантовите беше составено од унгарскиот режисер Иштван Сабо, заменик-директорот на АРТЕ за долгометражни филмови, Барбара Хебе и филмскиот куратор и едукатор, Ева Сангиорги.