Кино на отворено на 12 и 13 септември пред Домот на културата во Кочани

Кино на отворено Кочани е иницијатива посветена на заедницата и младите во Кочани, како гест на поддршка и солидарност по трагичниот настан во март 2025 година.

„Со скромна, но внимателно избрана програма и проекции под отворено небо, оваа иницијатива е замислена како простор за заедничко собирање, сеќавање и надеж, потсетувајќи дека културата има моќ да лекува и обединува“, посочуваат организаторите.

Киното ќе се одржи на 12 и 13 септември пред Домот на култура – Кочани.

Во петок, 12 септември, на програмата се краткиот филм „Пепи и Муто“ во режија на младиот и наградуван режисер Георги Унковски, а потоа топлиот, длабоко хуман и наградуван македонски игран филм „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески.

Во сабота, 13 септември, на програмата се краткиот филм „Човекот со чудна навика“ во режија на Вардан Тозија и долгометражниот документарен филм кој ја одушеви меѓународната публика „Ефтеркланг Македониум бенд” во режија Андреас Јонсен, по што ќе следува разговор со еден од главните протагонисти во филмот Владица Младеновски – Грга.

Проекциите почнуваат во 20 часот и се бесплатни.

Иницијативата се одржува со поддршка од Европската Унија, киното на отворено се реализира во соработка со Младински културен центар од Скопје.