Кина ги цензурира информациите за „Панамските документи“

Кина воведе ограничување на објавувањето информации за скандалот поврзан со податоците за даночни затајување на панамската првна фирма „Мосак Фонсека“, позната како афера „Панамски документи“. Пребарувањето на интернет на информации за темата, како и на објави на социјалните мрежи во Кина е блокирано, пренесува BBC.

Вестите и информациите кои ги содржат зборовите „панамски документи“, излегуваат во пребарувачите, но не можат да се отворат за да се прочита нивната целосна содржина. Се отвораат само неколку статии посветени на скандалот, во кои не се споменуваат лица поврзани со Кина.

Стотици објави на социјалните мрежи како Sina Weibo и Wechat беа избришани уште вчера наутро.

Вчера голем број медиуми во светот соопштија дека роднини на актуелни и поранешни кинески политичари и раководни кадри се вклучени во офшор бизнисот и имаат скриено богатство. Група истражувачки новинари усепеале да дојдат до документите на панамската фирма, кои претставуваат докази за прикривање богатство со цел избегнување на плаќање данок, за перење пари добиени преку трговија со дрога и за други финансиски криминали.