По многу напори на екипата на Територијалната противпожарна единица и доброволци, конечно е изгаснат пожарот во магацинот на фабриката „Пофикс“, соопшти градоначалникот на Тетово Билал Касами преку неговиот Фејсбук профил.
„Напорите од нашите херои го дадоа долгоочекуваниот резултат. Ваквите настани посакувам да не се повторат, со надеж дека иднината ќе биде добра и светла. Благодарност до сите учесници кои помогнаа во овие два исклучително тешки дена“, напиша Касами на Фејсбук.
Вчера, во текот на утринските часови избувна голем пожар во фабриката која се наоѓа на излезот од градот. Од компанијата „Пофикс“ претходно посочија дека првично штетата предизвикана од пожарот изнесува над 12 милиони евра.
Општината донесе одлука вчера да се прекине образовниот процес поради загадениот воздух предизвикан од пожарот.