„Картографија на просторното насилство врз Скопје“ – уметничка интервенција во паркот Ибни пајко

Во паркот Ибни пајко, на фасадата на Македонската опера и балет утревечер во 21.30 часот ќе се реализира привремена уметничка интервенција под наслов „Картографија на просторното насилство (Случај на градот Скопје)”, на авторите Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова.

Проектот се фокусира на просторното насилство, односно како репрезентациите и констелациите на моќта се отелотворени во архитектурата и урбаните простори, инструментализирајќи ги граѓаните преку политички мобилизации, идентификации и поделби. Во конкретниот случај, проектот преку визуелна методологија и користење на картограм го прикажува просторното насилство во централниот дел на градот Скопје, на тој начин преиспитувајќи го односот помеѓу материјалноста на урбаните простори, згради, споменици, обележја и спектарот на нематеријални процеси, односно симболичките, етничките и социјалните.

„Реализиран како привремена уметничка интервенција на фасадата на Македонската опера и балет овој проект создава дополнителна интеракција осмислувајќи нови значења и разбирање на политички одбележаните простори“, велат организаторите.

Автори на проектот се Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова, а соработници на проектот се Глигор Постолски, Дрен Невзати и Индрит Османи. Авторите изразуваат особена благодарност до Мери Батакоја, Јован Ивановски и студентите на Архитектонскиот факултет во Скопје кои придонесоа во реализацијата на проектот.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.