Карпош: Ќе се изработуваат нови ДУП-ови во консултации со стручната јавност и граѓаните

Општина Карпош преку соопштение потврдува дека Уставниот суд донесе Одлука со која се укинува ДУП-от за Градска четврт З 06, посочувајќи дека одлуката е поднесена врз основа на иницијатива од граѓани и приложени дополнителни докази од општината.

Зборед Карпош, станува збор за ДУП кој бил донесен во несоодветна процедура, при што, велат тие, била загрозена транспарентноста на целата постапка и учеството на граѓаните во неа.

„Во насока на поткрепа на иницијативата пред Уставниот суд, за ДУП Градска четврт З 06, Општината поднесе конкретни докази меѓу кои и извод од веб страната на Општина Карпош дека не е објавена Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена која претходи на донесувањето на деталните урбанистички планови. Општина Карпош ќе ја почитува Одлуката на Уставниот суд, со што се запира спроведувањето на овој ДУП и сите идни чекори ќе бидат во согласност со правните последици кои ги произведува оваа Одлука и позитивната законска регулатива“, велат општинарите.

Тоа практично значи дека во претстојниот период, велат тие, Општина Карпош ќе пристапи кон изработка на нови детални урбанистички планови кои ќе бидат носени во консултации со стручната јавност и засегнатите граѓани.

„Заврши времето кога деталните урбанистички планови се носеа зад затворени врати, во нетранспарентна постапка и со политички влијанија. Исто така, во новите ДУП-ови ќе бидат запазени сите стандарди и услови за поставување на зеленило и зелени површини, како и за обезбедување на поголема хуманизација на просторот. Примарната цел на локалната самоуправа е повеќе никогаш да не се повтори агресивната и непланска урбанизација. Покажавме недвосмислена волја за соработка со надлежните институции, со цел да се спречи дополнително урбанистичко злосторство на Карпош“, соопштуваат од општината.

Од таму тврдат дека општината ќе се развива, плански и рамномерно, во сите делови, ставајќи акцент на заштитата на животната средина.

Инаку, активистите од Карпош одлуката од Уставен суд ја окарактеризираа како мала победа за граѓаните и покрај сомнежите дека одлуката намерно се одовлекувала.

Мала победа за граѓаните, иако штетата е веќе направена, велат активистите откако Уставниот суд го поништи ДУП-от за Тафталиџе 1