Мала победа за граѓаните, иако штетата е веќе направена, велат активистите откако Уставниот суд го поништи ДУП-от за Тафталиџе 1

Одлуката на Уставен суд, кој го укина Деталниот урбанистички план (ДУП) за „Тафталиџе 1“ во скопската Општина Карпош донесен на почетокот на 2016 година, активистите ја нарекуваат мала победа на граѓаните и покрај сомнежите дека одлуката намерно се одолговлекувала.

Уставниот суд во одлуката оценува дека Општина Карпош не ги почитувала уставните и законските одредби при донесување на спорниот ДУП за Градска четврт „3 06“ кој го опфаќа потегот од булеварот „Партизански одреди“, улица „Московска“, булевар „Македонија“ и булевар „8-ми Септември“ и со кој се предвидува во зеленилото да никнат нови згради.

„Необјавувањето на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (бр. 34-3079/17 од 06.07.2015 година) на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија“, се наведува во одлуката на Уставниот суд.

Невена Георгиевска, која заедно со Татјана Чакулев се подносителки на иницијативата, се сомнева дека конечната одлука на Судот по нивните преставки, поднесени во септември и октомври минатата година, намерно се одолговлекувала.

„Иако нашето барање во поднесените иницијативи беше поништување на ДУП-овите и сите дејствија што произлегуваат од него, сепак ова е успех и една мала победа за граѓанскиот активизам. Овој ДУП три пати беше ставан на седница па повлекуван. За цело време можеше да се започне градење на локациите на тој ДУП. Укинувањето значи дека од моментот на излегување на одлуката во Службен весник не смее да се издаваат повеќе градежни дозволи. Но, сите што се издадени до тогаш најверојатно се легални, иако ДУП-от според кој се градени е потврдено неуставен. Се сомневаме дека намерно се одоговлекуваше целата работа, бидејќи никаде нема рок за колку време треба да се заврши процедурата пред Уставен“, вели Георгиевска.

Дописите, петицијата и протестот, преку кој граѓаните претходниов период се обидуваа да го актуелизираат проблемот, според неа имале ефект. Уставниот суд дополнително треба да решава по уште три иницијативи за спорни ДУП-ови во Карпош поднесени од Георгиевска и Чакулев, но бидејќи се можни нови одолговлекувања, Георгиевска вели дека бараат од Општината и градоначалникот да го запрат спроведувањето на вкупно 29 ДУП-ови врз основа на потврдената неуставност.

„На следната седница на 9-ти јули се поставени уште два ДУП-а од Карпош за конечна одлука. Еден од нив за Градската четврт „З 05“, воопшто не е почнат да се разгледува. Бидејќи е можно повторно да се одоговлекува процедурата имаме доставено барање до Општина Карпош, врз основа на овој пропуст кој го потврди Уставниот суд, да донесе мораториум за 29 ДУП-а. Според законите, општината како единица на локална самоуправа, може да донесе одредени одлуки, исто така според законот за град Скопје јасно стои дека општината е должна да спроведува ДУП, тоа значи дека доколку знае дека процедурата е нарушена може да го стопира процесот додека не се корегира пропустот, на тој начин ќе ги заштити и инвеститорите. Барањето е разгледано и од професори на правен факултет и јасно потврдено дека не само што може да донесе туку и мора да го направи тоа. Очекуваме и општината Карпош да дојде до истото правно толкување и да ја постави на дневен ред оваа точка, а од советниците да ја изгласаат“, вели Георгиевска.

Општина Центар засега е единствената општина која под притисок на граѓански организации одлучи да запре спроведување на 31 ДУП на своето подрачје, што значи дека нема да може да се издаваат дозволи за градба. Образложението за таа одлука беше дека голем дел од ДУП-овите се донесени од претходните општински раководства, во доцните вечерни часови, без никаква консултација со засегнатите страни.

Даниел Евросимоски