Карикатура од расплаканите Белгија и Франција го обиколи светот

Познатиот француски весник „Ле Монд“ објави моќна карикатура, во знак на поддршка за луѓето во Брисел, по низа терористички напади што се случија утрово во градот. Белгискиот главен град беше погоден од три експлозии , во кои загинаа десетици луѓе.

Експлозиите доаѓаат неколку дена по апсењето на Салах Абдеслам, осомничен за терористичките напади во Париз, во кои загинаа 130 лица во ноември. Илустрацијата, направена од францускиот карикатурист Плант, го покажува знамето на Франција како човек што го теши знамето на расплаканата Белгија.

Под карикатурата е напишано 13 ноември, датата кога се случија нападите во Париз, минатата година и 22 март, по повод денешната трагедија. Луѓето преку социјалните мрежи изразуваат поддршка и солидарност, користејќи го хаштагот #JeSuisBruxelles.

Официјалниот Твитер профил на Париз ја промени фотографијата со знамето на Белгија и соопшти дека вечерва Ајфеловата кула ќе биде осветлена со боите на белгиското знаме.

Други луѓе, пак, ја споделуваат сликата од познатата статуа во Брисел „Момче кое мокри“, како симбол на непокор.