Канцеларијата на Претседателот стана младинска канцеларија

Канцеларијата на Претседател на Република Северна Македонија во центарот на Скопје од денеска ќе работи како младинска канцеларија МладиХаб. Просторот ќе има повеќе намени, а ќе биде достапен за млади уметници, за организирање на настани од различен карактер, за граѓанските организации, како и за разни граѓански иницијативи.

Истовремено, МладиХаб ќе овозможи и курсеви и обуки за унапредување на дигиталните вештини на младите луѓе, во замена за извршена волонтерска и општокорисна работа во заедницата. Односно, во зависност од вештините, интересите и потребите на заедниците во коишто живеат, младите ќе треба да учествуваат во одредена иницијатива во заедницата, со што ќе се стекнат со ваучер којшто потоа ќе им овозможи пристап до обука за дигитални и меки вештини.

Крајната цел е младите луѓе во Северна Македонија на возраст од 15 до 29 години да се стекнат со нови, но и да ги подобрат постојните дигитални вештини за да можат да одговорат на дигиталната трансформација на економијата, соопштија од претседателскиот кабинет. 

Претседателската канцеларија стана актуелна за време на претседателствувањето на Ѓорѓе Иванов, кога беше демолирана од демонстранти на Шарената револуција, на 13 април 2016 година,  еден ден откако тој прогласи аболиција на 56 лица. Во настанот беа уапсени повеќе демонстранти, а за дел од нив се уште нема судсска разрешница.