Како обичен Фејсбук статус го покажа екстремниот говор на омраза на интернет

Фејсбук статус кој се противи на организирање свадби во време на пандемија неодамна предизвика речиси 300 коментари. Но, најголем дел од нив полни со пцовки и лични навреди упатени кон авторката на статусот.

Случајот со статусот на граѓанска активистка Кристина Костова покажа колку далеку може да отиде говорот на омраза во онлајн просторот и колку (не)постои култура на онлајн дискусија.

Во одбрана на Костова застанаа повеќемина користејќи го хаштагот #СоНеаСме. Од феминистичката платформа „Медуза“ велат дека ова е само еден од многуте примери на екстремен говор на омраза и онлајн вознемирување, кои како што забележуваат, се во огромен пораст периодов.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет, регистрирано е 100 процентно зголемување на говор на омраза во споредба со ланскиот период, посочува Калиа Димитрова од „Медуза“.

„Она што мене лично ме загрижува е родово базираниот говор на омраза, вознемирување и навреди, како случајот со Кристина, каде посведочивме експремна мизогинија, хомофобија и повици за линч. Тоа неретко се случува со жени кои имаат јавни професии или се „гласни“ на социјалните медиуми“, смета Димитрова.

„Сметам дека луѓето не се свесни дека можат да добијат пријави за говор на омраза и вознемирување на социјалните мрежи и затоа толку фриволно се расфрлаат со омраза. Исто така верувам дека многу луѓе не се свесни дека говорот на омраза води до дела од омраза и баш затоа мора навремно да се препознае и санкционира“, додава таа.

За случајот реагираа и од невладината организација ЦИВИЛ, која го осуди говорот на омразата и бара од институциите да постапат соодветно и според законските обврски, за како што велат, да не дозволат ваквиот говор на омразата да остане неказнет.

„По објавата на Косотова, се регистрираат голем број пораки и коментари во кои отворено се промовира омразата и се повикува на насилство кон Костова, со користење на навредливи зборови и екстремни изрази, што се засновани на предрасуди и стереотипи. Кристина Костова не е носител на јавна функција, но само поради тоа што, како граѓанка со гарантирано право на слобода на мислењето и изразувањето, искажа личен став, беше жртва на јавен линч од неистомислениците до таа мера што отворено ѝ се упатуваат закани со силување и убиство“, забележуваат од ЦИВИЛ.

Покрај ова, од невладината ги повикаа и институциите да ги преземат сите потребни мерки да се обесхрабрат ваквите тешки облици на злоупотреба на социјалните мрежи и интернет медиумите, преку кои се промовира говорот на омразата.

„Познато е дека говорот на омразата води кон дела од омразата, но и без тоа, тој делува погубно врз јавната комуникација во едно демократско општество. Можноста секој од нас слободно да го изрази своето мислење е една од најзначајните вредности и показател за демократскиот капацитет на општеството“, заклучуваат од ЦИВИЛ.

Во однос на одговорноста во онлајн просторот, претседателот на Здружението на новинари на Македонија Драган Секуловски, во претходна анализа на Радио МОФ се осврна на проблемот со немање судска пракса за говор на омраза.

„Прво, законски гледано, говорот на омраза не е добро дефиниран, не е јасен, а тоа обвинителите и судиите го земаат за изговор – да не постапуваат. А, кога се обраќаме со барање да постапат, тогаш најчесто нема ефект, или кога има некој резултат, најчесто го сведуваат на делот од Кривичниот законик за ‘загрозување на физичка безбедност’, потенцираше Секуловски.

И тој смета дека националните институции треба да се погрижат, или да превенираат вакви деликти, или кога ќе се случат – да ги санкционираат.

„Кај нас во Македонија, или сите многу се сакаат и никој не користи говор на омраза, или едноставно, институциите не го препознаваат како ризик. Нема судска пракса, нема случаи, а сите зборуваат за тоа“, забележа Секуловски.

Емилија Петреска

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.