Кадија Исмаилова е добитник на наградата за новинарство по повод Светскиот ден на слобода на печатот

Гилјермо Кано/УНЕСКО наградата за слободен печат годинава и е доделена на Кадија Исмаилова, истражувачка новинарка од Азербејџан. Наградата се доделува во чест на Светскиот ден на слобода на печатот, во рамки на Конференција за слободен печат во Хелсинки (2-4 мај).

Исмаилова беше најпрво уапсена на 5 декември 2014, под обвиненија за клевета откако пишуваше за корупцијата и злоупотребата на моќ на претседателот на Азербејџан и неговото семејство. Беше осудена на 7 и пол години затвор поради неплаќање данок и злоупотреба на позиција. Human Rights Watch го опиша нејзиното осудување како политички мотивирано, со нелегитимно судење и кампања за нејзина дискредитација.

„Кадија Исмаилова многу ја заслужува наградата и сум среќна што гледам дека нејзината храброст и професионализам се препознаени“, вели Лилјана Зуровац, преседателка на жирито на Гилјермо Кано/УНЕСКО наградата за светски слободен печат за 2016 година.

Наградата го носи името на Гилјермо Кано Исаза, колумбиски новинар убиен пред влезот на редакцијата на весникот во кој работел, El Espectador, во Богота во декември 1986 година, откако пишувал против картелите на дрога.

Инаку, Светскиот ден на слобода на печатот на Обединетите нации се одбележува од 3 мај 1993 година.

Глобалното набљудување на слободата на печатот е значајно човеково право, пишува Voice of America. Тоа е начин да се пресмета состојбата на слободата на печат во светот и е потсетник дека во некои земји медиумите се цензурирани, постојат казни и затворања, а новинарите и уредниците се сѐ уште злоупотребувани, под закани, напаѓани, приведувани, а понекогаш и убивани.

Декларацијата на Виндхок е документ во кој се утврдени принципите на слободниот печат, напишан од новинари во Африка за време на семинар на УНЕСКО за „промовирање на независен и плуралистички африкански печат“ во Виндхок, Намибија, во 1991.

Декларацијата повикува на слободни, независни и плуралистички печат насекаде во светот, а го опишува слободниот печат како најважен за демократијата и човеково право.