Новинарка од Азербејџан доби 7,5 години затвор по сториите за корупција кај претседателот

Судот во Азербејџан ја осуди Кадија Исмаилова, истражувачки репортер од Радио Слободна Европа/Радио Слобода на седум и пол години затвор, под обвиненија за проневера, илегални бизнис зделки, неплаќање на данок и злоупотреба на моќ.

Интернационалните медиумски и човекови организации го осудија судскиот процес и казната на Исмаилова, која следуваше по истражувачката сторија која таа ја напиша за корупцијата во претседателството и првото семејство на Азербејџан. На ова му претходеше и обид за уцена со кој Исмаилова се соочи во 2012 година.

Дуња Мијатовиќ, претставничка на Слобода на медиумите при Организацијата за безбедност и кооперација во Европа, и Нилс Муижниекс, комесар за човекови права при Советот на Европа исто така го критикуваа осудувањето на новинарката.

„Обвиненијата врз Исмаилова и нејзиното судење се неправедни. Тие покажуваат уште еден јасен сигнал дека властите продолжуваат да ги стишуваат критичките гласови во Азербејџан“, рече Мијатовиќ, која ја повика владата на претседателот Илхам Алиев да „престане да ги таргетира новинарите“.

„Кадија Исмаилова плаќа за својата храбра работа како истражувачки новинар во земја каде критичките гласови се замолчувани еден после друг“, додава Мужниекс. „Оваа казна е уште еден удар за почитувањето на човековите права и придржувањето кон демократијата и владеењето на правото во Азербејџан“.

Исмаилова беше ослободена од дополнително обвинение за поттикнување на своето поранешно момче да изврши самоубиство.

„Срамната пресуда против Кадија Исмаилова ја покажува волјата на азербејџанските власти да го поткопаат правото за одмазда против критичарите“, вели Кенет Рот, извршен директор на Human Rights Watch. „Нејзиното затворање и казна треба веднаш да бидат отфрлени“.

Според HRW, Европската унија и нејзините земји-членки треба да претстават силен и заеднички предизвик за владата во однос на состојбата на човековите права во Азербејџан. „Таков одговор треба да вклучува и прекинување на преговорите за нов Стратешки партнерски договор со Баку, и да преземат акција во други мултилатерални тела, вклучувајќи и Советот за човекови права на Обединетите нации да го цензурира Азербејџан поради неговиот озлогласен третман на човековите права“, се вели во соопштението на организацијата.

Пред да биде уапсена, Кадија Исмаилова работеше како истражувачки новинар за Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) и Радио Слободна Европа во Азербејџан. Пишуваше истражувачки стории за корупцијата и злоупотребата на моќ од страна на владата на Азербејџан, и истражуваше бизниси и оф-шор компании поврзани со Алиев и неговото блиско семејство и пријатели.

Колегите на Кадија од OCCRP го започнаа Проектот Кадија (the Khadija Project) кој според Дру Саливан, извршниот уредник и ко-основач на OCCRP, ќе ги заврши истражувањата кои таа ги започна.

„Кадија нé замоли да ја завршиме нејзината работа. Како пријатели и колеги, почувствувавме морална облигација да го направиме тоа“, вели Саливан, „Но, уште повеќе сакаме да покажеме дека ако го нападнете гласникот поради неговата порака, ние едноставно ќе испратиме повеќе гласници“.

„Ова семејство ја води државата речиси целото нејзиното современо постоење. Крадат срамни количества на пари и го расфрлаат огромното богатство од нафтата, додека нивните луѓе остануваат сиромашни и без информации. Во меѓувреме, неговите ќерки носат чанти од 160.000 долари и праќаат јахти да пловат три дена низ Средоземјето, што ја чини државна компанија 250.000 долари, за младиот Хејдар да може да руча на бродот“.

„Парите се моќ, а тие ги крадат и ги контролираат за да ги спречат другите во Азербејџан да формираат политичка база“, вели Саливан за 100reporters. „Но, тие мораат да ги сокријат парите на Запад бидејќи таков е нивниот вкус, а ние секогаш ќе ги пронаоѓаме и откриваме пред јавноста“.

„Да се обвини личноста која истражува за украдените пари од страна на претседателската фамилија, сместени на оф-шор сметки, нивната злоупотреба на државните работи и договорите со оф-шор компаниите и групите и неплаќањето на даноците е многу смешно“, вели Исмаилова.

Ова не е прв пат азербејџанските власти да ја гонат Исмаилова. Во 2012 година, владата тајно ја снимила репортерката како има секс со своето момче и ѝ се заканиле дека ќе го објават видеото во јавност. Наместо тоа, таа јавно ја објави уцената. Откри и дека Министерството за национална безбедност го озвучило нејзиниот стан, преку интервјуа со техничарите од телефонската компанија кои биле вклучени.

Приватната снимка накратко се појави на интернет.

После инцидентот, Исмаилова доби многу интернационални медиумски награди, меѓу кои и Courage of Journalism наградата, Global Shining Light наградата и PEN/Barbara Goldsmith Freedom to Write наградата, доделена од PEN American Center.

Извор: 100reporters