Каде, како и со кого младите ќе летуваат годинава?

На плажа под жолтеникавиот отсјај од сонцето чиј одраз најдобро е отсликан во езерска или морска вода, кампинг шатор на летен фестивал или посета на градови со друштво се дел од опциите што најголем број од младите годинава ги избираат за поминување на својот летен одмор.

Август е можеби најпогодниот период за планирање на летниот одмор, што за многумина во земјава е и единствениот одмор кој може да си го дозволат во текот на една година.

Радио МОФ изминативе денови спроведе анкета на Инстаграм на којa одговорија околу 500 од нашите следбеници. Речиси половина од нив, или 237, се изјаснија дека своето летување го планираат некаде на плажа, а скоро 20% од анкетираните за годишниот одмор ќе останат во своите домови.

Од понудените опции како одговор, 13% рекле дека ќе „откриваат нови градови“, 10% ќе одат на кампување, а околу 6% планираат својот одмор да го поминат на фестивал или на планина.

Мила Видоеска која е студентка на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство годинава се решила да оди на одмор во Албанија со нејзините родители. Таа вели дека одморот таму е добар избор доколку некој сака да одмори со книга и да си го помине времето во сончање и пливање поради чистата вода со која се одликуваат местата Валона и Дерми што ги посетува по втор пат.

Според неа, со добра организација еден млад човек може да помине удобен одмор за околу 350 евра.

„Во суштина сметам дека може да се помине скромно, но да речеме дека во просек 30 евра на ден е доволно за да си дозволиш лежалка на плажа, јадење надвор и некое кафе/пијалак, без сместувањето. Ако зборуваме целокупно мислам дека може да се помине просечен одмор од 7 дена со околу 350 евра, притоа да се чувствуваш удобно и да ги покриеш основните потреби“, вели Видоеска.

Таа за Радио МОФ раскажува дека во периодот кога била на одмор се одржувал и музички фестивал, за кој слушнала убави искуства, но се решила за „помирен“ одмор. Сепак, иако цената е прифатлива за неа како млад човек, објаснува дека сега покачените цени што особено се забележуваат во туристичките дестинации влијаат врз плановите за одмор на младите.

„Мислам дека инфлацијата има големо влијание во сите области од животот на младите, па така и врз нивното летување. Пред пандемијата беше доволен помал буџет за да се оди на одмор отколку сега. Лично, пред неколку години сум издвојувала околу 200 евра за одмор, а сега таа сума е доста повисока. Високите цени на автобуските карти, намирниците, забавите, особено на туристичките дестинации ги спречуваат многу од младите да поминат одмор каков што посакуваат“, посочува Видоеска.

Мнозинството млади на одмор во странство

Во нашата анкета од вкупни 367 лица кои одговориле на прашањето „Колку средства ќе издвојат за својот одмор годинава?“, 65% рекле дека планираат да потрошат до 500 евра, додека 21% од нив сметаат дека доволни се 500 до 800 евра за пријатен летен одмор. 14% од анкетираните сметаат дека за пријатен одмор потребни им се над 800 евра.

Повеќе од половина од оние кои одговорија на анкетата избираат одмор надвор од земјава. Со нив се се согласува и Филип Степановски, студент на Архитектонскиот факултет, кој ќе патува во Италија и Франција во посета на своето семејство.

Степановски смета дека иако оди надвор, сите трошоци потребни за прошетка низ Фиренца и Монако ќе достигнат најмногу до 500 евра бидејќи, како што вели, за неговата возраст и потреби доволно е толку, а дури смета дека може да помине и со помалку средства.

Тој вели дека тоа ќе биде неговиот втор одмор годинава, поради што ќе треба внимателно да го организира својот буџет.

„Првиот одмор ми беше фестивалот ‘Ohrid Calling’, каде бев со друштво, а на следниот ќе одам со сестра ми, што е исто така супер друштво! За фестивал во домашни услови како овој во Охрид, сметам дека 500 евра се и повеќе од доволно. Фестивалот нуди убава музика, а истата станува уште подобра кога си во добро друштво и се разбира, добро расположение. Веќе стана традиција да се посетува овој фестивал, па мислам дека добро ќе се прилагодам за да си поминам два убави одмори годинава“, вели Степановски.

Во анкетата поставивме уште едно прашање, „Со кого одиме на одмор годинава“, на што 50% од одговорите беа „Со друштво“, 36% со партнерот, а 14% со родителите. Според тоа, најголем број од младите избираат да одат на одмор со друштво, надвор од државата каде со одмор планиран на плажа може да поминат со буџет до 500 евра.

Ангела Бошкоска