Каде е државата во спорот помеѓу „Стоп за Усје“ и „Титан Усје“?

Иницијативата „Стоп за Усје“ најави осумчасовна блокада во петокот пред главниот влез на цементарница „Усје“. Блокадата е именувана како „Блокадафест“ со јасна алузија дека покрај изразување на протестните барања, граѓаните на собирот ќе следат и музичка програма, а собирот кој е најавен за 15.00 часот и предвидено е да заврши во 23.00 часот.

Главната парола на протестот е „Без Усје полесно се дише“. По тој повод, редакцијата на Радио МОФ ја посети фабриката „Титан Усје“ и разговараше со д-р Наташа Бакреска, менаџерка за животна средина и алтернативни горива. При посетата на фабриката, имавме увид во начинот на кој функционира фабриката, оствариме средба со дел од работниците во фабриката, направивме увид во изгледот на работната опрема, но и внатрешноста на дворот на фабриката во кој главно се наоѓаат објектите на управата. Направивме и панорамски увид во зградата на „Титан Усје“ со цел да се прикаже целосниот изглед на фабриката, начинот на кој таа е структурирана по области, местоположба и функционални зони.

Во разговорот со д-р Наташа Бакреска, се обидовме да дознаеме како на самата управа на „Титан Усје“ делува информацијата за претстојната закажана блокада во петокот. Дали се очекуваат некои промени во секојдневното функционирање на фабриката и дали е овозможен посебен режим на работа во периодот на времетрање на протестот.

-Цементарница „Усје“ работи 70 години на истата локација и постојано се трудиме да ги унапредуваме нашите процеси се со цел резултатите како и влијанијата врз животната средина да бидат што е можно помали. Имаме многу детален мониторинг на сите медиуми во животната средина, на почвата, водата, воздухот и др. и посебно мониторинг на влијание, како и сите цементари во светот, така и нашата, внимание обраќа на емисиите во воздухот. Ние вршиме континуиран мониторинг, повеќе од 15 години на емисиите од нашите стационарни извори, вели Бакреска за Радио МОФ.

Во однос на начинот на кој се спроведува мониторингот во рамки на Цементарница Усје, јавноста изрази сомнеж во релевантноста и точноста на податоците кои се прикажуваат во извештаите. По тој повод ја прашавме Бакреска за објаснување, како точно се изведува мониторингот во рамки на фабриката и дали тој е внатрешен, или постојат механизми за надворешна и институционална контрола не само врз добиените податоци туку и целосен увид како методолошки самиот мониторинг се спроведува во пракса.

-Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежно за „Титан Усје“ за следење на работата, Државниот инспекторат за животна средина и Управата на Министерството за животна средина како IPPS инсталација, практично тие се надлежни да ја мониторираат работата на Усје и најискрено ви кажувам дека сме добро мониторирани независно дали има протести или нема, тие редовно се присутни, освен тоа што со дозволата имаме многу јасно регулирано на колку време испраќаме извештаи, кои типови на извештаи ги испраќаме, што податоци треба да содржат, тоа не е како ќе одлучи инспекторот или што сакаме ние како инсталација да им дадеме, во подзаконски акт пишува што треба да им дадеме, вели Бакреска.

Во разговорот за Радио МОФ менаџерката за животна средина и алтернативни горива при „Титан Усје“ објасни дека системот на мониторирање е содржан од два дела. Едниот е мерниот уред кој е сочинет од сонда која е постојано монтирана на оџакот и како што наведува таа има стандард каде точно треба да е монтирана сондата. Потоа се пренесуваат податоците во мерен уред и од таму се пренесуваат во систем за електронска обработка на податоци. Така што, на крајот од денот после 24 часовен мониторинг излегува извештај со измерена вредност, таа вредност како што тврди Бакреска никој не може да ја промени. Како што објаснуваат од Титан Усје во преработката на податоците, за реперна вредност се смета средната вредност од амплитудата која ги прикажува графички вредностите и согласно законските прописи токму таа средна вредност треба да кореспондира со законски дозволениот лимит за емисија на гасови во природата.

На прашањето дали управата на Титан Усје, ги разбира барањата на иницијативата „Стоп за Усје“ и зошто сметаат дека токму тие се таргетирани како најголеми загадувачи ако, како што тврдат тоа се само шпекулации, дали сметаат дека изборот е толку случаен и тие се „колатерална штета“ на генерално лошите околности кои во збир произведуваат лош квалитет на воздухот, Бакреска вели:

-Не е логично да се поврзува само Усје со загадувањето на воздухот, имаше денови кога фабриката не работеше, воздухот беше загаден. Денеска фабриката работи, а имаме прекрасен сончев ден. Сите ние сакаме да имаме чист воздух, тоа е наше право како граѓани и како луѓе, а зошто кога сите велат дека треба да ја погледнеме сликата пошироко само Титан Усје е на таргет можам само да шпекулирам и не би сакала дополнително да коментирам.

За тоа колку граѓанските иницијативи и протестите кои се организираа изминатиот период влијаеле врз зголемените контроли од страна на надлежните органи за надзор на работата на Усје, Бакреска вели дека и пред протестите се вршени неколку пати инспекциски надзори и во сите случаи извештаите потврдиле дека не постојат пречекорувања во емисијата на штетни гасови од дозволениот лимит, поради тоа како што тврди Инспекторатот за животна средина никогаш не изрекол прекршочна казна за работата на „Титан Усје“. Сепак во јавноста се појавија тврдења дека понекогаш постои временска „дупка“ во извештаите за мониторинг на емисијата на гасовите при работењето на фабриката доставени до Министерство за животна средина, кои јавноста ги толкува како обид за маскирање на енормното ослободување на штетни отпадни материи во животната средина и затоа токму за тие одредени периоди од неколку часа, во извештаите не се наведуваат вредности за активност. Според наводите на иницијативата „Стоп за Усје“ и Министерството за животна средина реагирало на временските дупки и неколку пати се опоменати токму Титан Усје да доставуваат извештаи согласно пропишаните подзаконски акти.

-Не постои можност печките да работат, а системот за мерење да не е активен. Тие дупки, како што ги нарекуваат во доставените извештаи се должат на фактот што поради дефект некоја печка била исклучена. Тој дефект може да трае и обично трае од два до три часа. Некогаш и подолго, но доколку имаме дефект од 24 часа, тогаш имаме обврска да го известиме Министерството за животна средина, вели Бакреска.

Според нејзините наводи во моментот компанијата работи во согласност со подзаконските акти за 24 часовен мониторинг со презентирање на средна вредност. Во однос на барањата да се воведе мониторинг кој е во актуелно време и кој ќе може да се следи во секоја единица време, таа вели дека постојниот закон не го налага тоа, ниту тоа е вообичаена пракса во било кој дел од светот. Сепак вели, ако се донесе таква законска обврска, како и досега обврските кон законот компанијата е подготвена да ги почитува.

Редакцијата на Радио МОФ имаше увид и во извештаите кои ни ги доставија од компанијата. Но и ги негираа наводите во јавноста кои се повикуваат на статистики и податоци од web страници, особено меѓународни кои потенцираат на големо загадување врз воздухот кое произлегува од активноста на „Титан Усје“. Од управата ги прогласија за нерелевантни и непроверени, бидејќи како што велат токму за периодот кога се потенцира на големо загадување, а изворот е токму „Титан Усје“ фабриката во тој период воопшто не била активна.

Сепак како човек кој најдобро е упатен во работата на Титан Усје од аспект на влијанието врз животната средина, ја прашавме Бакреска, дали таа ја разбира загриженоста на граѓаните од околните места и дали лично таа би живеела во близина на фабриката, таа вели дека и покрај тоа што не живее во близина на Усје и во општината во која живее загадувањето на воздухот е горлив проблем. Голем број од нејзини колеги живеат во околина на фабриката, а самата таа поминува голем дел од денот токму во непосредна близина на активните производствени погони во фабриката.

Од „Титан Усје“ велат дека очекуваат мирна разрешница на протестите преку отворен дијалог и презентирање на факти и аргументи кои ќе ги смират граѓаните.

-Идејата дека фабриката треба да се дислоцира за нас е неприфатлива. Што треба да се случи на овој простор, дали треба да имаме уште една „Стаклара“ во Скопје. Малку се обрнува внимание и на тоа дека ние сме една од најважните компании за македонската економија, работиме само со материјали од македонски производители со што го поттикнуваме растот на економијата и финансиската благосостојба на луѓето.

Таа го потенцираше и аспектот на општествено одговорна компанија и вели дека лично може да гарантира дека Цементарницата на Титан Усје во Скопје работи според истите стандарди како сите други фабрики на групацијата Титан низ светот.

Иако во конретниот случај, протестите се насочени токму кон работата на „Титан Усје“ како најголем загадувач во Скопје, според нив останува неодговорено прашањето за генерално лошиот квалитет на воздух со кој се соочуваат и другите градови кои немаат „Титан Усје“ во своја близина.

Спрегата помеѓу граѓаните удружени под граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ и управата на фабриката „Титан Усје“ барем досега се решава со арбитража преку медиуми каде се соочуваат аргументите од едната и од другата, во овој случај спротиставени страни, додека институциите на државата се уште не излегоа со јасен предлог како да се реши спорот помеѓу незадоволните граѓани и правен субјект за кој важи посебен интерес за стабилна бизнис клима.

Институциите на државата, особено надлежното Министерство за животна средина не се огласи, ниту да ги потврди, ниту да ги демантира наводите во медиумите, па затоа јавноста е ускратена за третата перспектива, која во овој случај е најповикана да даде одговори. Министерствата како органи на државна управа во опис на својата функција имаат обврска да бидат транспарентни пред јавноста. Но и во овој случај избираат мудро да молчат додека јавноста ја гледа живата спрега помеѓу граѓанските иницијативи за заштита на животната средина и фабриката која брои од 235 до 240 вработени и кои како што велат во разговорот со нашата редакција, стравуваат дека со дислокацијата на фабриката нивните работни места ќе бидат загрозени.

Содржините на ©Радио МОФ се забранети за преземање без директно линкување на изворната вест.