„Јулски квартет“ вечерва во „Џези“

Во скопскиот „Џези“ денеска (сабота, 16 јули) од 21 часот е најавен „Јулски квартет“.

„Втора половина на Јули во Скопје. Планираните бегства од жегата полека го внесуваат градот во периодот на летната скопска тишина и омарнина. ‘Џези’ најавува летна пауза до втортата половина на август, а воедно ја заокружува плодната сезона со тричасовна свирка на четири врвни џез музичари“, стои во најавата на настанот.

Организаторите посочуваат дека соработката помеѓу нашиот виортуоз на хармоника Јордан Костов и хамбургшкиот џез пијанист и саксофонист Андреас Гинтер, резултира со заеднички настапи во Јапонија, Кина, Босна, Македонија, Швајцарија и Германија и со учеството на Скопскиот Џез Фестивал во 2021 та година.

Во јулскиот квартет ќе свират во живо и реномираниот шангајскиот џез тапанар Фенг Хао и нашата млада контрабасистка Андреа Мирчевска, која во 2019 та година е прогласена за најдобар млад џез музичар и ја добива наградата „Златен Орикс“, што ја доделува Скопскиот Џез Фестивал.

„Првиот час е резервиран за изведба на заедничка авторска музика на Костов и Гинтер а, останатите два часа ѝ се препуштени на моменталната инспирација на квартетот и е одлична можност да им се доверат сетилата на овие мајстори за импровизација“, се вели во најавата за настанот во „Џези“.