Во текот на изминатите неколку месеци, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје се соочиле со големо количество отпад од заштитни маски и ракавици што граѓаните го исфрлаат на јавните површини, или пак несоодветно спакуван го одлагаат во садовите наменети за комунален отпад.
Оттаму посочуваат дека употребените заштитни маски особено претставуваат потенцијален извор на зараза и согласно епидемиолошките препораки, овој тип на отпад треба да биде одложен уредно спакуван во двојни кеси.
ЈП Комунална хигиена-Скопје го третира отпадот од заштитна опрема како комунален отпад и граѓаните смеат да го одлагаат во садовите поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за надземни и подземни контејнери, канти или корпи за отпадоци.
„Но, до жителите на градот Скопје апелираме употребените заштитни маски да ги одлагаат правилно и совесно и тие да бидат соодветно спакувани, со цел да се заштити здравјето на вработените во Претпријатието коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад и воедно да се намали ризикот од ширење на вирусот Ковид-19“, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
Претходно, Центарот за еколошка демократија Флорозон реагираше дека е потребно систематско решавање на проблемот со одлагање на потенцијално-контаминираниот ковид-отпад од употребените заштитни маски и ракавици. Тие сметаат дека овој отпад треба да се третира засебно, бидејќи ги загрозува пред сѐ комуналните работници и собирачите на секундарни суровини.
Во Северна Македонија, маската која ја користи општата популација не се смета за медицински отпад и доколку е за еднократна употреба таа се фрла во корпа за отпадоци како комунален отпад.
Хируршките маски, кои се најевтини и најкористени меѓу граѓаните, станаа најчесто ѓубре кое се забележува низ улиците, тревниците, покрај кантите, па дури и закачени на дрвјата како декор.
Маски почнаа да „растат“ на дрвја и по улици, нема решение за овој вид отпад