Маски почнаа да „растат“ на дрвја и по улици, нема решение за овој вид отпад

Потребата од носење маска како начин да се забави ширењето на Ковид-19 доведе до драстично зголемување на производството на маски за еднократна употреба. Ова, пак, набрзо создаде нов проблем на локално и глобално ниво – се појави уште еден вид отпад за кој нема конкретно решение.

Хируршките маски, кои се најевтини и најкористени меѓу граѓаните, станаа најчесто ѓубре кое се забележува низ улиците, тревниците, покрај кантите, па дури и закачени на дрвјата како декор.

Во Северна Македонија, маската која ја користи општата популација не се смета за медицински отпад и доколку е за еднократна употреба таа се фрла во корпа за отпадоци како комунален отпад. Ова според Законот за управување со отпад, е во надлежност на Министерство за транспорт и врски.

Но, кога се обративме до ова министерство за да прашаме каде оди отпадот кој се создава од овие маски и кој е најдобриот начин да се менаџира со овој отпад, бевме упатени до Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму, пак, велат дека за отпадот кој се создава од маските кои ги користат граѓаните, можат да дадат само препораки како да се постапи со нив. Сепак, укажуваат дека треба да биде свеста на повисоко ниво и да се внимава каде се фрлаат.

„Министерството препорачува да  граѓаните совесно да ги одлагаат искористените медицински маски во места за одлагање на отпад, да не се фрлаат на отворено каде би биле достапни и на дофат на деца , животни и слично. Особено да внимаваат граѓаните кои се наоѓаат во самоизолација или се на домашно лекување“, велат од МЖСПП.

Извор: МЖСПП

Ова значи дека маските за еднократна употреба кои се фрлаат заедно со останатиот комунален отпад на крај завршуваат во депонијата Дрисла, потврдија од ЈП „Комунална хигиена“.

Тие со Центарот за еколошка демократија „Флорoзон“, на триесетина локации пред поголемите маркети во градот поставија специјални садови за одлагање отпад од заштитна опрема, кој потоа се префрла во садовите на Претпријатието (контејнерите) и го транспортираат неговите екипи до депонијата.

Од друга страна, медицинскиот отпад кој доаѓа од здравствените установи, се собира во посебни пунктови кои се собираат во посебни контејнери од страна на комуналните претпријатија.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира до жителите на градот Скопје употребената заштитна опрема да не ја исфрлаат на јавни површини, односно истата уредно спакувана во двојни кеси да ја одлагаат исклучиво во посебните садови или директно во контејнерите и на тој начин да го заштитат здравјето на вработените во Претпријатието, коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран и опасен отпад“, нагласуваат од Претпријатието.

Од „Еко свест“, пак, велат дека како и секој друг отпад, државата нема систем за негова селекција.

„Најдобро е да не се создава т.е. луѓе да купуваат реупотребливи маски за лице што се перат наместо за една употреба. Ракавиците од латекс се биоразградливи, се распаѓаат за неколку месеци. Проблем е ако имаат пластика во нив“, посочи Елена Николовска од невладината.

Хируршките маски најчесто се изработени од полипропилен, односно вид пластика на која и треба долго време да се распадне и ослободува многу токсични материи за време на процесот.

Но, загадувањето со пластика веќе беше една од најголемите закани уште пред коронавирусот. Така што, овој проблем поттикна да се размислува и за поодржливи варијанти, а сепак населението да остане заштитено.

Платнените маски се едната опција, бидејќи можат да се перат и со тоа да имаат повеќекратна намена, велат од Министерството за здравство за Радио МОФ.

„Особено е важно маската да ги покрива и носот и устата, односно правилно да се употребува“, посочуваат оттаму.

И за доктор Никола Пановски, платнените маски се достапна варијанта за граѓаните, иако според него овие маски се посоодветни за на отворено, или во простории каде нема гужви, а луѓето не се болни. Друга опција е Н95, која трае подолго и може да се стерилизира, иако таа како што посочи тој е скапа.

„Прво, за една употреба никој не ги користи, туку барем по еден месец. Друго, кој би потрошил 10 или 20 денари? Треба по 200 денари дневно да троши. Сигурно 10 пати ја вадат и ставаат кога излегуваат“, коментира Пановски, додавајќи дека за складирање на отпадот од маските за еднократна употреба требаат специјални контејнери.

Но, покрај носење маски, Пановски предлага граѓаните да држат растојание, да не се собираат во поголем број особено во затворен простор и да ги проветруваат просториите.

„Ако имаат прочистувачи за воздух, тоа е добро за во канцеларии и затворен простор, но тоа чини пари“, вели тој.

Неодамна, пак, пронаоѓач од Национална асоцијација на пронаоѓачите на Македонија (НАИМ), со поддршка од Министерството за здравство претстави иновација на нов вид заштитна маска за повеќекратна употреба за заштита од вирусот Ковид-19.

Со овој нов вид на заштитна маска, воздухот се вдишува низ платното на заштитната маска низ нос, а се издишува низ посебни канали вон внатрешноста на заштитната маска.

„На овој начин корисникот на заштината маска, вдишува секогаш свеж воздух, што не е случај при користењето на постоечките маски, посочија претходно од НАИМ.

Во меѓувреме на светско ниво, Програмата за животна средина на Обединетите Нации алармираше дека ако не се управува соодветно со ваквиот отпад, кој голем дел од него е направен од штетна пластика за еднократна употреба, може да резултира со ослободување на токсини во животната средина и до секундарно пренесување на болести кај луѓето.

Оттаму ги повикаа владите да го третираат управувањето со отпадот, вклучително и медицинскиот и опасниот отпад, како основна јавна дејност.

Емилија Петреска