ЈОРСМ: Поднесено обвинение за спречување новинарски екипи во вршењето на работата

Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска поднесе обвинение против 43-годишен жител на Росоман за спречување новинарски екипи во вршењето на работата. Обвинителниот предлог се однесува на кривичното дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот, на 18 јули, на регионалниот пат Градско-Прилеп во близина на Росоман, спречил новинари и сниматели да вршат службени дејствија, односно да снимаат прилог за сообраќајна несреќа. Тој најпрвин со агресивен тон и навреди се обратил кон снимател на Телевизија 24 и кон новинар на МРТ, а потоа со ногата удрил во сталакот на една камера и ја оштетил. На овој начин новинарите биле спречени во нивната работа и го прекинале снимањето“, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

За нападот на снимателот на ТВ 24 Иван Камчев, на 18 јули реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Оттаму посочија дека ќе ја следат истрагата и дека ќе инсистираат на одговорност за нападот.

ЗНМ: Осуда за физичкиот напад врз снимателот на ТВ24 Иван Камчев