Јордан Костов квартет во „Мака“ ќе го свират „Kichobal“

Во барот „Мака“ во Скопје на 28 февруари (среда) од 21 часот ќе се одржи концерт на квартетот на Јордан Костов. Свирката ќе значи промоција на „Kichobal“, жанровски хибридел албум чија македонска верзија беше издадена под капата на „Аксиома“.

„Очекувајте ориентално-балканска фри џез фузија на четворица извонредни музичари, кои умешно излегуваат од ортодоксниот домен на свирење на своите инструменти, во полза на создавање уникатен музички израз, кој многу тешко може да се смести во постоечките жанровски категории. Самиот Костов веројатно најфино ја определува оваа музика кога вели дека таа настанала за време на неговите бројни скитања низ Далечниот Исток: во возови, автобуси, на мотоцикли итн“, велат од „Аксиома“.

Јордан Костов квартетот е составен од Филип Букршлиев (електрична гитара), Стефан Карастојанов (контрабас), Драган Теодосиев (тапани) и Јордан Костов (хармоника). Од Аксиома потенцираат дека сите се веќе афирмирани музичари на македонската, балканската и светската авангардна сцена и тие, посебно или заедно, зад себе имаат над 50 албумски изданија.

„Букршлиев и Теодосиев ја добија наградата ‘Најдобар млад џез музичар’ од светски реномираниот Скопски џез фестивал, за 2021 и 2023 година. Двајцата членуваат, покрај нивните други бројни состави, во ноар-џез квартетот Taxi Consilium, чиј што деби албум (Essential Sunday Gloom) беше избран меѓу најдобрите џез албуми за месец мај 2021 година, од музичката платформа Bandcamp“, потенцираат од „Аксиома“.

За Јордан Костов, велат од таму, не треба некое посебно претставување. Тој е нашиот најактивен талкач по светските меридијани, авторски најплоден музичар, секогаш во потрага по нови модуси за извртување на очекувањата од аудитивните средби помеѓу Истокот, Западот и Балканот, кој никако да одлучи која страна ја претпочита.

„Тоа, во случајов, не е лошо. – Музиката на Костов слободно ги интерпретира и интерпенетрира музичките наследства на црнечката џез традиција, Балканскиот „миш-меш“ и бескрајното аудитивно богатство на Далечниот Исток. Крајниот резултат честопати ги изневерува нашите очекувања во поглед на тоа како хармониката „треба“ да звучи. Но тоа, повторно, не е лошо. – Костов има пронајдено начин неговата хармоника да звучи како универзален преведувач, културен апропријатор и магичен интегративен фактор во еден уникатен музички дијалог“, посочуваат од „Аксиома“.

Инаку, снимањето, миксот и мастерот на албумот го направи Ивица Јанкуловски. Снимен е во септет формација. Покрај наведените музичари, во снимањето учествувале и Александар Бошков, на втора електрична гитара, Дамјан Грујо, на перкусии, и Оливер Настовски, на гајда. Сите композиции се на Јордан Костов, дизајнот на каверот го направи Кристијан Новковски, а извршен продуцент за Аксиома е Вангел Ноневски.

Ова е втор албум на новото, но мошне амбициозно музичко издаваштво на „Аксиома“.

„Аксиома“ е асоцијација за културна соработка и истражување, која организира интердисциплинарни и мултиуметнички настани/проекти, организира концерти, издава книги од областите на современата естетика, ремикс културата, критичките теории и сл., организира изложби и работилници за млади и потајно навива македонската авангардна или „терсене“ музика да стане идеја-водилка на сите уметности.