Jeremy Clarkson сепак ќе добие отказ, BBC веќе бара негова замена

На познатиот британски новинар и водител Jeremy Clarkson денеска ќе му биде врачен отказ од националниот телевизиски сервис BBC, по двонеделната суспензија и внатрешна истрага поради нападот на Clarkson врз еден од продуцентите на емисијата „Top Gear“.

Според најавите, веста за отказот на Clarkson ќе ја соопшти лично лордот Tony Hall, генералниот директор на BBC. Телевизиската куќа бара замена за водителот на „Top Gear“, а работата веќе му била понудена на водителот на „Breakfast Show“, Chris Evans. Тој претходно изјави дека би ја одбил оваа понуда на BBC.

Внатрешната истрага покажала дека Clarkson го малтретирал продуцентот Oisin Tymon 20 минути, пред да го нападне физички во еден хотел во Јоркшир, за време на снимањето на „Top Gear“.

Clarkson, според информациите, би можел да потпише договор со американската мрежа Netflix, за нова емисија посветена на автомобилизмот. По инцидентот и суспензијата што тој ја доби од BBC, на интернет беше покрената петиција со барање Clarkson да се врати на популарната емисија, која ја потпишаа повеќе од милион луѓе. Сепак, се чини дека бројните претходни инциденти и несогласувања со телевизиската куќа ќе придонесат популарниот водител сепак да добие отказ.