Јавна трибина: „Напуштените кучиња – закана за дивиот свет“ во МКЦ

Во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе се одржи трибина за проблематиката на напуштените кучиња, кои стануваат закана за дивиот свет. Трибината ќе се одржи на 29 август, понеделник со почеток во 9 и 30 часот наутро.

Во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се отвори темата за состојбата со бездомните кучиња во руралните средини.

„Често гледаме оставени кучиња на планински превои како Ѓавато, Буково, Маврово и Попова Шапка. А теренските истражувања со фотозамки ни откриваат и кучиња длабоко во шумите. Ова се должи на неодговорноста на сопствениците, но и на недостигот на системи за заловување и згрижување на бездомните животни“, објаснуваат организаторите.

Тие дополнуваат дека поради ова, често доаѓа до нивно мешање во природниот екосистем, што преставува повеќекратна закана за дивиот свет.

„Прво, прегладнети, ваквите кучиња почнуваат да ловат и диви животни. Второ, тие неретко мршојадат од пленот на шумските предатори, како што е рисот, и со тоа вршат дополнителен притисок врз опстанокот на ова критично загрозено животно. Трето, кучињата хибридизираат со волци и така го ослабнуваат неговиот генетски интегритет, со што се нарушува природната рамнотежа меѓу дивиот свет“, велат од МЕД.