Јапонското летало слета на Месечината, но дефект ја загрозува мисијата

Паметното јапонско вселенско летало за истражување на Месечината – „Слим“ ја допре површината на Месечината во близина на екваторијален кратер, пишува „Би-Би-Си“.

Подвигот ја направи Јапонија петтата земја која успеа меко да слета на површината на природниот сателит на Земјата, по САД, Советскиот сојуз, Кина и Индија.

Јапонскиот робот успешно ја допре Месечината, но проблемите со неговиот соларен систем го доведуваат во прашање успехот на мисијата, односно таа е можно да трае само неколку часа поради дефект поврзан со соларните ќелии на леталото.

Причините зошто соларниот систем не генерира електрична енергија сѐ уште не се јасни. Ова го остава „Слим“ целосно да се потпре на неговите батерии кои во одреден миг ќе се испразнат, а ако се случи тоа леталото нема да може да прима и праќа сигнали до Земјата.

Инженерите ги исклучиле греалките и симнуваат слики од леталото. Тие исто така преземаат податоци кои ќе им кажат како работел софтверот за време на слетувањето.

Од Јапонската вселенска агенција велат дека нема веднаш да се откажат од „Слим“ доколку тој престане да праќа сигнали. Оттаму сметаат дека е можно соларните ќелии да се поставиле во позиција од која не гледаат  кон Сонцето. Сепак, како што се менуваат аглите на светилна на Месечината, можно е „Слим“ да се врати назад во живот, велат од Агенцијата.

„Ако спуштањето на Месечината не беше успешно тогаш ќе имаше судир со површината со многу голема брзина и функцијата на вселенското летало ќе беше сосем изгубена“, рече претседателот на Агенцијата, Хитоши Кунинака одговарајќи на новинарско прашање дали мисијата може да се карактеризира како успешна.

„Но сѐ уште ни праќа податоци, што значи дека нашата првична цел за меко слетување беше успешна“, рече тој.

Леталото кое внатре има инфрацрвена камера треба следните две недели да ги помине во проучување на локалната геологија, но засега е несигурно колку од оваа истрага може да се изведе.