Јапонско списание се извини поради навредлива „секс ранг-листа“ на универзитети

Јапонско списание, наменето за мажи, се извини по револтот предизвикан од нивната објава на ранг-листа на универзитети според леснотијата за убедување студентки на секс на вечерни забави.

По објавата во неделникот „Спа!“, Казуна Јамамото покренала онлајн петиција со која бара списанието да се извини и да ја отстрани навредливата сторија. Нејзината кампања, со која бара да се стави крај непочитувањето, сексуализирањето и гледањето на жените како предмети, веќе собрала над 33 илјади потписи.

Во сторијата, објавена на 25-ти декември, имало информации за практиката на „гвараноми“ – забави со алкохол на кои мажите им плаќаат на жените да присуствуваат. Списанието навело дека овие забави биле многу популарни меѓу студентки и во текстот вклучиле и интервју со креатор на апликација преку која мажите и жените полесно можат да најдат заинтересирани за ваквите забави.

„Сакаме да се извиниме за користењето на сензационалистички јазик за да ги привлечеме читателите околу начинот како да бидат интимни со жени и поради правењето на ранг-листа со имињата на вистински универзитети… тоа резултираше со сторија која можеби ги навреди читателите“, стои во соопштението на списанието.

Сторијата споменува пет универзитети каде студентите биле „лесно достапни“ на забавите со алкохол и дава насоки со кои мажите можат да проценат дали жените се сексуално достапни според нивната облека и изглед.

Јапонија е позиционирана многу ниско на рангирањата според родовата еднаквост. Минатата година владино истражување откри дека медицински школи во земјата свесно ги намалувале приемните резултати на кандидатк жени.