Универзитет во Јапонија призна дека свесно ги намалувал приемните резултати на жените со децении

Медицински универзитет од Јапонија призна дека извршувал дискриминација врз студентки, намалувајќи ги резултатите на приемните испити на женските кандидатки со децении.

Тетсуо Јукиока, директорот на Медицинскиот универзитет во Токио, вчера се извинил за изневерување на јавната доверба, посочувајќи дека жените „не треба да бидат третирани поинаку поради нивниот пол“.

Минатата недела јапонските медиуми информирале дека универзитетот манипулирал со резултатите на женските кандидати за да го задржи процентот на запишани жени на 30 проценти. Според медиумот Кјодо, резултатите на жените почнале да се намалуваат уште од 2006 година.

Потпретседателот на универзитетот Кеишука Мијазава изјавил дека таквите нерегуларности „не смееле никогаш да се случат“ и ветил дека тестирањето за следната година ќе биде регуларно.

Јапонскиот министер за образование, Јошимаса Хајаши, изјавил дека ќе нареди инспекции во приемните процедури на сите медицински школи по наводите на експерти дека ваквата дискриминација е широко распространета.

Скандалот избил откако се проверувал син на висок службеник во министерството за образование за кој имало сомнение дека бил запишан со вештачко подигање на неговите резултати. Инспекторите пронашле дека универзитетот сакал помалку женски студентки со објаснување дека потенцијалното мајчинство ќе ја намалела или целосно стопирала нивната кариера.

Инспекцијата открила дека во овогодишните приемни тестови универзитетот ги намалил поените на сите кандидати на тестирањето за 20 проценти, а потоа додале по најмалку 20 поени на машките кандидати, освен на оние кои претходно паднале четири пати на тестирањата.

Во Јапонија скоро половина од жените имаат високо образование но, тие често се жртви на дискриминација. Најчесто мажите работат прекувремено, додека жените се преоптоварени со домаќински работи, подигање на децата и грижата за возрасните.