Јајца и боја кон бараките на Град Скопје

„Шарената револуција“ ги зафати и бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалникот Коце Трајановски, откако демонстрантите од Влада, преку Илинденска стигнаа до нив.

Полициското обезбедување не успеа да го спречи боењето на објектите во кои е сместена градската администрација.

Организирани преку социјалните мрежи, на повик на Граѓанското движење Протестирам, демонстрантите и денеска се собраа пред СЈО, од каде продолжија кон Собрание, плоштад Македонија и Влада. Иако многумина мислеа дека овде протестот ќе заврши, реката од луѓе се упати кон Илинденска.

„Паркот не го даваме“, скандираа минувајќи кај Фонтаната пред Градски парк. Потоа се упатија кон бараките на Град Скопје, каде ги пресретна полицијата.

Претходно во розово беше обоен и споменикот на Прометеј во Жена парк, а соодветни натписи добија и спомениците во околината.

Ова е деветти протест месецов во Скопје за оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, одложување на изборите најавени на 5 јуни, укинување на аболицијата за политичарите , но и за вклушување на граѓаните во преговорите за излез од кризата. Освен во Скопје, паралелно протести со исти барања се организираат низ повеќе градови во земјава.