Шарена револуција пред Собрание – обоен е Прометеј

„Шарената револуција“ денеска го зафати и споменикот на Прометеј, спроти Собрание, кој беше обоен од демонстрантите што излегоа на повикот на иницијативата #Протестирам. Оттаму велат дека овие протести се шарени, освен поради балоните со боја, и поради тоа што на нив излегуваат граѓани од сите возрасти, религии и националности.

Натписи има и на останатите споменици во Жена Парк.

Присутните пред Собранието ги прочитаа барањата на протестот, а укажаа и на сумата која се претпоставува дека е потрошена за проектот Скопје 2014, кој и две години подоцна се уште се гради.

„Не осудуваа зошто сме ја офарбале портата, а не кажуваат дека над 4 милиони евра се потрошени за неа. поради овие суми ние немаме за леб. Кога ќе не прашаат зошто протестираме ќе им кажеме – За слобода“, се обрати пред присутните едн од демонстрантите, Никола Радулов, инаку студент по новинарство.

Се уште не се знае по која рута ќе продолжи движењето на демонстрантите денеска. Вчера тие се упатија кон ЕУ инфоцентарот, при што го обоија Министерството за правда, а еден ден претходно кон Министерството за култура, кое исто така стана шарено.