Израелските власти протеруваат Палестинци вработени во Израел

Израелските власти ќе ги вратат во Појасот Газа сите Палестинци кои работат во Израел, соопштија денеска официјални лица.

„Израел ги прекинува сите контакти со Газа. Нема да има повеќе палестински работници од Газа“, беше објавено доцна синоќа во соопштението на комитетот за безбедност на израелската влада.

Наведено е и дека Израел ќе престане да обезбедува финансиски средства за палестинските власти наменети за Појасот Газа.

Иако Хамас насилно ја презеде контролата врз Газа во 2007 година од палестинската управа, во која доминира ривалската фракција Фатах, администрацијата продолжи да плаќа десетици илјади државни службеници во енклавата.

Врз основа на привремените мировни договори од 90-тите години, Израел собира пари од царина и даноци во име на Палестинците и ги плаќа тие пари на палестинската управа секој месец.