Израел донесе закон со кој се ограничува смена на премиерот Нетанјаху

Израелскиот парламент денеска усвои закон со кој се ограничуваат условите под кои може да биде разрешен израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Противниците на актуелниот премиер велат дека законот има за цел да го заштити бидејќи му се суди за корупција во три случаи.

Законот беше усвоен по жестока расправа која траеше цела ноќ, во второ и трето читање, со 61 глас за и 47 против.

Законот го спречува највисокиот суд да му наложи на премиерот да земе отсуство, што се гледа како реакција на загриженоста дека високиот суд би можел да му нареди на Нетанјаху да се повлече поради потенцијален конфликт на интереси додека тој ги надгледува напорите на коалицијата за спроведување на контроверзните судски реформи, додека му се суди.

Нетанјаху е обвинет за измама, злоупотреба на довербата и поткуп за наводно примање скапи подароци од богати поддржувачи и обид да добие поволна медиумска покриеност за себе и неговото семејство.

Врз основа на Законот за откповикувањае, три четвртини од владините министри или заменици можат да го принудат премиерот да земе привремено отсуство и тоа само поради психички и физички здравствени причини, пренесуваат израелските медиуми.

Инаку, во Израел од јануари се одржуваат масовни протести низ целата земја поради владиниот план да се спроведат драстични промени во правниот систем на Израел, за кој противниците велат дека штетат на демократијата.