Изложбата „Жанр сцените од Колекцијата на Националната галерија“ ќе се отвори во среда

Изложбата „Жанр сцените од Колекцијата на Национална галерија“ ќе се отвори во среда (7 септември) со почеток во 13:00 часот во просториите на мултимедијалниот центар Мала станица.

Изложбата е дел од програмата на Националната галерија.

„На изложбата ќе бидат изложени околу 80 дела во различни сликарски техники и скулптури кои се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“ на претставување на сцените, со задолжителна дискретна поента во постоечките елементи на драматика, сатира, дидактика, па се до вклучување на романтизам и сентименталност. Жанр-сцената го опфаќа човекот како фокус, во неговото опкружување. Се забележува претстава на пазари, ентериери, ликови во ентериер, улични настани“, се вели во најавата за изложбата.

Од Националната галерија информираат дека преку оваа тематска изложба посетителите ќе добијат можност да погледнат дела од депоата на Национална галерија, од кои, некои не биле претходно изложени, а некои по подолг период ќе бидат претставени на јавноста. На изложбата ќе бидат претставени дела од Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Љубомир Белогаски, Димче Протуѓер, Коста Хакман, Целестин Медовиќ, Вилим Свечњак, Александар Ивановски Карадаре и многу други.