Изложбата „Квир љубов, наследство и отпор“ во „Комитет“

Изложбата „Квир љубов, наследство и отпор“ ќе биде отворена на 20 јуни (среда) од 19 часот во „Комитет“.

„Преку оваа изложба ги архивиравме најневидливие аспекти од животите на квир лицата, начините на коишто сакаат, се интимни, градат врски и живеат со своите семејства“, пишува во најавата.

Организатор на изложбата е квир клубот на „Еквалис“. Оттаму велат дека поставката е содржана од  фотографии од квир парови, индивидуалц(к)и коишто се идентификуваат како квир, како и активст(к)и коишто се борат за правата на квир заедницата. Покрај тоа изложбата ќе прикаже и сегменти од интервјуа коишто беа направени со сите учесници, како и предмети коишто имаат силно емоционално значење и коишто се поврзани со првите дејтови, заеднички патувања, љубовни писма, фотографии или предмети од нивниот дом.

„Оваа изложба е обид да ја прикажеме љубовта на квир луѓето надвор од нашите 4 ѕидови, односно онаму каде што најчесто ни е кажано да ги чуваме нашите врски, семејства, животи и идентитети. Во изложбата го прикажуваме приватниот простор на учесниците, нивните домови, нивното секојдневно функционирање, начините на коишто ги држат своите партнери покрај себе кога се најитимни, кога готват, кога се подготвуваат да патуваат, кога сонуваат и се плашат“, велат од квир клубот на „Еквалис“.

Куратор на изложбата е Ангел Димитриевски. По отворањето ќе има музички сет и дружба во просториите на Комитет.