80 дела од колекцијата на Националната галерија, југословенската и од националната ризница на ремек дела ќе бидат претставени на изложбата „Од поинаков дискурс“ – фауната од Националната галерија „Мала Станица“, која ќе се отвори на 7 декември, четврток.
Со почеток во 19 и 30 часот, посетитечите ќе имаат можност да видат ликовни дела од Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак и Оливера Кангрга.
Изложбата е под кураторство на Ана Франговска, а ќе биде отворена до средината на јануари, 2024 година.
„’Од поинаков дискурс’ е проект кој го осмисливме со тенденција да ја иницираме желбата за промена и инвентивност и да се опробаме во неистражени домени, сижеа, медиуми, со цел да пристапиме кон поинакви, нови, видоизменети исчитувања, систематизации и класификации на културното богатство со кое располага Националната галерија“, посочуваат организаторите.
Тие дополнуваат дека концептот за изложбата е на Иван Џепаровски, кој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.
„Она што се случува во последниве деценија-две во сферите на теоријата и на естетиката несомнено е појавувањето на еден своевиден теориски „животински пресврт“ (animal turn), сроден на поранешните лингвистички, постмодернистички, постколонијални, родови или дигитални пресврти, зашто оставањето на светот на животните на маргините на филозофските, антрополошките, социолошките, книжевните или на уметничките истражувања денес веќе не е можно, а појавувањето, пак, на низа мултидисциплинарни истражувања покажува дека разделувањето на човечкиот свет од светот на животните носи низа политички, еколошки, етички и биоетички проблеми кои бараат преосмислување на третманот и на претставата на животните во книжевните, а оттаму и во уметничките дела од минатото и од денешницата“, пишува Џепароски во освртот кон изложбата.
Од Галеријата истакнуваат дека перспективите на гледање на нештата „од поинаков дискурс“ ќе придонесат за нови сознанија и нови читања на историјата на уметноста, а истовреме ќе бидат интересни и за љубителите на уметноста.
„Се радуваме на секоја нова можност за вадење на различни дела од нашите депоа, а со тоа и самите дела ќе ја продолжат својата главна намена – да комуницираат со нивните реципиенти и да соопштат одреден став“, нагласуваат оттаму.