Изложба на уметникот Филип Фидановски во Центарот за култура во Кичево

На 26 октомври од 19 часот во Центар за култура „Кочо Рацин„ во Кичево ќе биде отворена изложбата на уметникот Филип Фидановски. 

На изложбата, насловена „Пикасо можеби јас“, ќе бидат покажани 10 скулптури (портрети) изработени во керамика, инспирирани од делата на Пабло Пикасо.

Изложбата е дел од серијата изложби кои ги организираат од амбасадата на Кралството Шпанија по повод 140 години од раѓањето на големиот шпански уметник Пабло Пикасо.

„По големиот успех во 2016 година на изложбата „Пикасо можеби јас“ на Македонскиот уметник Филип Фидановски покажана пред скопската публика, овој пат изложбата ќе имаат можност да ја погледнат граѓаните на повеќе градови како Охрид, Куманово, Битола. Со серијата на изложби кои се во организација на Амбасадата се оддава достојна почит на уметникот кој остави голем број на дела на целиот свет. Пикасо како основач на кубизмот кој со својата уметност е непресушна инспирација и предизвик за многу светски познати уметници. Така и Македонскиот уметник Филип Фидановски се вбројува во таа листа на уметници“, велат организаторите.

На оваа изложба покрај скулптурите во форма на легенди на делата ќе бидат претставени репродукции на оргиналните дела на Пикасо од каде Фидановски и ја црпи инспирацијата за неговите дела.