Изложба и дискусии во МСУ за потребата од архивирањето и заштитата на модернистичко културно наследство

„Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ меѓународен настан кој ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје на 31 мај и 1 јуни. Појдовна точка е инцидентот од 21 април 2017 година, кога пожар го уништи Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Целта е да ја подигне граѓанската свесност и колективниот однос кон незаштитеното модернистичко културно наследство и ќе се обиде да дојде до одговори како да се направи корисен модел за архивирање на значајни документи најдени во јавен простор.

Организатор е Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“, од каде велат дека „не е се загубено“.

„По пожарот во кој беше уништен најголемиот дел од архивата на заводот како планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети, руините на објектот беа изложени на случајните минувачи. Затоа, македонските уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска од Проектниот простор Прес ту егзит, заедно со локални и меѓународни уметници, со дозвола од Заводот за урбанизам и архитектура и со поддршка на значајни институции и асоцијации како Државниот архив на РМ, Музеј на град Скопје и Асоцијација на архитекти, организираа акција за расчистување и заштитување на дел од документите и предметите кои не изгореа. Тие успеаја да спасат значајни документи од пост-земјотресно Скопје“, стои во поканата за настанот.

Настанот е отворен за јавноста. Во него ќе се вклучат истакнати европски куратори, директори на институции од културата и уметници како од земјава, така и од странство, претставници од Музејот на град Скопје и Државниот архив на Македонија.

Тие ќе ги пренесат своите исксутва, за тоа кои модели тие ги користат во своите земји околу архивирањето на значајни документи од културното наследство.

„Во Скопје пристигнуваат истакнати куратори, директори на институции од музејската дејност и уметници како: Сабина Саболовиќ – членка на кураторскиот колектив од Хрватска What, How & for Whom/WHW, која ќе зборува за кураторскиот пристап кон архивата како нешто што оди подалеку од ригорозната или научна дефиниција. Илустрираното предавање на Чарлс Еше – директор на Ван Абе музеот од Ајндховен ќе се фокусира на музејот и употребата на музејските збирки, документација, спомени и односи во создавање на специфични изложби и истражувачки проекти. Себастиан Цихочки – заменик директор на Музејот на модерна уметност во Варшава, во својата презентацијата ќе зборува за експериментот Бродно Биенале (Варшава, 2018)“, соопштуваат организаторите.

Во рамките на настанот ќе биде отворена и изложба на уметниците Антонис Питас од Холандија, Тјаша Калкан од Хрватска и Јане Чаловски, курирана од Јованка Попова, како и изложба на дел од материјалите од опожарениот Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Свои панели ќе имаат и претставници од партнерските организации на Прес то егзит како: Наташа Бодрожиќ (Слободне Везе, Загреб), која ќе ја претстави и книгата „Потрошувачка култура на Социјалистичка Југославија“ и Марјока де Греф и Анастасија Пандиловска (Санс анд Старс, Амстердам).

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.