Изгласан буџетот на Општина Карпош

По вчерашниот протест на администрацијата во Општина Карпош за недонесување на општинскиот буџет, дел од советниците денес го изгласаа буџетот за 2024 година.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски за медиумите изјави дека со донесувањето на буџетот нема да запре функционирањето на Општината и ќе се исплатат плати на вработените од општинската администрација, училиштата и градинките.

„За среќа, надвладеа разумот и огромна благодарност од мене, од граѓаните на Карпош, од општинската администрација, до советниците на СДСМ, Левица и ГРОМ и двајцата независни советници Невена
Георгиевска и Александар Илиески, кои што ја видоа сериозноста која што се создава со не носење на Буџетот, но со жалење можеме да констатираме дека советниците од ВМРО продолжија со нивниот деструктивен однос. Тоа беше една демонстрација на еден циркуз во кој имаше викање, како и обид да не се продолжи седницата, најмалку јавено 20 пати процедурално, па навредувања. Замислете, оној што дава 4.000 амандмани, во кој што најмалку еден бил по еден денар, тие не биле насилни, ние сме биле насилници, кои со мнозинство го носиме буџетот“, рече Јакимовски по завршувањето на денешната 37-ма седница.

Пред медиумите се обрати и претставникот на општинската администрација, Дејан Јонузоски кој им се заблагодари на советниците кои го изгласаа буџетот и со тоа, како што рече, ја поддржаа нивната борба.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека буџетот бил донесен „со насилство и талатизација“.

„Денес сме сведоци на насилство и талатизација на Советот на општина Карпош. Имено, на сила, вон секоја демократска процедура, со кршење на сите законски акти и подакти, со кршење на Деловникот, Статутот на општина Карпош и Законот за локална самоуправа, со 15 гласа ЗА беше усвоен Буџетот на општина Карпош за 2024 година“, кажа на денешната прес-конференција советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Вељановски.

Тој кажа дека претседателот на Советот не се појавил на четвртото продолжение на седницата, и дека седницата бил полна со деловнички и законски недоследности, по што рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори со легални мерки.

Протест и меѓусебни обвинувања во Карпош поради буџетот