Изгаснат пожарот во „Дрисла“, МВР отвори истрага

Од ЈП депонија Дрисла информираат дека пожарот што изби рано утрово е изгаснат и претпријатието продолжува со редовни активности.

„Од страна на полицијата направен е увид и записник и истата ќе постапува согласно своите ингеренции. Воедно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да го истражат случајот и сторителите да бидат најдени и соодветно казнети, а против лицата кои шират лаги и дезинформации за депонијата Дрисла, од страна на претпријатието ќе бидат покренати соодветни постапки“, велат оттаму.

Во меѓувреме од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) потврдија дека пожарот е локализиран и изгаснат околу 8:30 утрово, по што е информирана противпожарната служба и службата на Министерството за внатрешни работи – Скопје.

„Во моментот се води истрага за причините на негово настанување од страна на МВР-Скопје, за што ДИЖС ќе биде информиран во континуитет“, информираа оттаму.

Инаку, пред две недели стотина жители на скопското село Батинци и околните населени места излегоа на протест на кој побараа осовременување или затворање на депонијата, со образложение дека огромен дел на жителите имаат проблеми со белодробни заболувања, инфекции и рак поради загадувањето, кое сметаат дека доаѓа од „Дрисла“.

Граѓаните потенцираа дека нивното главно барање не е дислоцирање на депонијата, туку почитување на европските стандарди, преку инсталирање соодветни филтри и печки кои нема да ја загадуваат средината. На протестот тие побараа средба со надлежните на која ќе ги образложат нивните проблеми.

Од претпријатието ги демантираат овие изјави со став дека „Дрисла“ е единствена санитарна депонија во државата која работи согласно А – интегрирана дозвола и своите работни активности ги извршува согласно сите законски прописи за управување со отпад и заштита на животната средина. Истовремено, велат оттаму, таа е под целосна контрола и мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

Гори депонијата „Дрисла“, локалните жители загрижени за загадувањето