Италијански градоначаник започна штрајк со глад како протест против ограничувањата за коронавирусот

Градоначалникот на италијанскиот град Месина започна штрајк со глад како знак на протест против владините мерки за ограничување на коронавирусот, јавува германската новинска агенција „ДПА“. Градоначалникот Катено де Лука викендов постави шатор на пристаништето во градот, каде оттогаш спие.

Неговата намера е симболично да го „блокира“ теснецот Месина помеѓу Сицилија и италијанското копно.

Де Лука протестира против правилото според кое само вакцинирани или оздравени лица од Ковид-19 можат да влезат или да излезат од Медитеранскиот остров со фериботи или со авиони.

Политичарот тврди дека државата ја држи Сицилија „заробена“. Во понеделникот тој поднесе оставка од функцијата која ќе стапи на сила во февруари.

Владата во Рим на 10 јануари издаде построги правила за да го спречи ширењето на вирусот и да ги предомисли оние што одбиваат да се вакцинираат.