Истражители на СЈО влегоа во МПМ

Истражители од тимот на Специјалното јавно обвинителство денеска влегле во издавачката куќа Медиа принт Македонија, објави интернет порталот Призма. Од Специјалното јавно обвинителство велат дека не можат да изнесат повеќе информации во јавноста затоа што станува збор за предистражна постапка.

Во МПМ скоро имаше измена на сопствеништвото. Досегашните сопственици „Орка Холдинг“, управувана од Јордан Камчев, и компанијата „Интернет Инвестмент Груп“, чијшто сопственик е Јана Станисаљева, излегоа од сопственичката структура на „Графички центар ДОО“, долгогодишен сопственик на Македонија Медиа Принт (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, порталот „Телеграф“ и магазинот „Теа модерна“.

Според тековните состојби издадени од Централниот регистер, сопственици на МПМ се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“, во сопственост на Срѓан Ќерим.

Од компанијата „Орка Холдинг“ АД Скопје вчера соопштија дека со одлука на нивниот Управниот одбор, донесена на 12 декември 2016 година, а спроведена во Централниот регистар на 15 февруари, го продала својот удел во „Графички центар” ДОО Скопје, сопственик на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), по номинална цена.

„Сите обврски кои компанијата ги имаше кон вработените заклучно со 31.12.2016 година се подмирени. Во наредните денови ќе се подмират и обврските кон платите за месец јануари 2017 година“, се вели во соопштението на „Орка Холдинг“.

Во меѓувреме, денеска започна штрајкот на новинарите и другите медиумски работници вработени во МПМ.

Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест.