Од Истражувачката Репортерска Лабораторија е извршена анкета каде што се прашани пратениците како ќе постапат по повикот за акција во кој 5000 граѓани побараа надзорна расправа за системските пропусти кои водат до несреќите. Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дале шокантни изјави, дека тие не одговараат пред избирачите, туку пред партијата, пренесува новинската агенција Мета.
Некои пратеници поднеле и пријави за нарушување на приватноста од страна на ИРЛ поради споделување на нивните службени мејлови, други никогаш го немаат ниту отворено службениот мејл – дури цели 20 години, додека повеќето ќе чекаат инструкции од партијата.
ИРЛ се здобиле со неколку пријави за нарушување на приватноста на некои пратеници со причина дека нивните службени мејлови биде споделувани. Според ИРЛ некои пратеници дури цели 20 години ги немаат отворено своите службени мејл адреси. И се разбира, најголемиот дел чекаат инструкции од своите партии за како да постапат.
„По речиси два месеци по ужасното злосторство во Кочани, пратениците редовно си ги извршуваат работните обврски – одат на работа, требуваат патни трошоци, членуваат во собраниски комисии. Учествуваат на пленарни седници, гласаат кога треба и не гласаат кога не треба, поставуваат пратенички прашања, но никако да започнат надзорна расправа во парламентот за трагедијата во дивото кабаре „Пулс“.“, стои во текстот на ИРЛ.
Наместо да ја оправдаат доделената улога – избраници на народот, а не на партијата – тие се тивки кога треба да бидат гласни. Партиските калкулации во Собранието ги препознаа и семејствата на настраданите и повредените во „Пулс“.
На протестот во Скопје на 29 април, кој го организираа родители и роднини на загинатите, присутните упатија остри тонови кон пратениците, извршната власт и државните институции.
Граѓаните бараат надзорна расправа
По пожарот во кој животите ги загубија 62 лица, а беа повредени 196, ИРЛ иницираше повик за акција. Апелираа до граѓаните да им се обратат на дваесетте пратеници од изборната единица 3 испраќајќи им исти пораки на нивните службени електронски адреси. Во нив бараа пратениците да иницираат итна надзорна расправа за расветлување на системските пропусти кои доведоа до големиот број загинати во Кочани.
За да се закаже надзорна расправа, според Законот за Собранието, потребни се најмалку 15 пратеници кои ќе поднесат таква иницијатива до собраниските служби. Потоа спикерот е должен веднаш да ја стави на дневен ред.
Надзорни расправи граѓаните побараа и за пожарот во модуларната болница во Тетово, како и за двете автобуски сообраќајни несреќи кај Ласкарци и во Бугарија.
Надзорната расправа е еден од клучните механизми преку кој Собранието може да спроведе контрола врз извршната и судската власт. Ваквата расправа е јавна, се емитува во живо на Собранискиот канал и нејзините заклучоци се задолжителни. Таа може да послужи како основа за понатамошни постапки, вклучително и кривична одговорност.
Сите „за“, но никој не се потпишува
ИРЛ контактирале 19 од 20 пратеници од изборната единица 3 до кои граѓаните испратија мејлови. Пратениците од различни партии, независно од тоа дали се од власта или опозицијата, во разговорите со новинарите изразија генерална поддршка за надзорна расправа. На повиците на новинарите на ИРЛ единствено не одговори пратеникот на ЗНАМ, Павле Арсоски.
Ниту еден од оние со кои зборувавме, со исклучок на пратениците од Левица, не го стави својот потпис на пратеничката иницијатива за надзорна расправа. Во најголемиот број случаи тврдеа дека сѐ уште не било време за таква расправа.
„Штом завршат предистражната и истражната постапка, ќе ставиме потпис затоа што и ние сакаме да добиеме одговори на многу прашања. Во овој период институциите не би можеле многу да зборуваат отворено како што би сакале ние“, изјавила Сања Лукаревска за ИРЛ.
Љупчо Николовски, исто така од СДСМ, изјавил дека добил многу мејлови, но ќе се потпишел кога ќе се создаделе услови.
„Секако дека сме за надзорна расправа, но треба и да има услови за таа расправа да има суштина. Јас како Љупчо Николовски ќе се потпишам на тоа барање кога ќе се создадат услови“, вели пратеникот од редовите на опозицијата.
Благој Бочварски го повтори истото што и неговите сопартијци – став има, но не и потпис:
„Апсолутно би се потпишал и нема да бидам против тоа, но тајмингот го одредуваме заедно со колегите на координација.“
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, Миле Лефков, Емил Спасовски, Игор Здравковски, Душко Иванов, Драгана Бојковска и Никола Мицевски, сите беа согласни дека треба да има надзорна расправа, но никој не беше подготвен лично да застане зад една таква иницијатива.
Пратеникот Душко Иванов во разговорот со новинарите на ИРЛ, освен за можна надзорна расправа, зборуваше и за електронските пораки што ги добил од граѓаните кои од него бараа да иницира ваква расправа во Собранието.
Имено, тој добил преку три илјади такви пораки, но, како што рече, потоа од неговата електронска адреса пораките биле препратени до неговите колеги од изборната единица 3. Тој ни нагласи дека бидејќи доаѓал од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) се посомневал дека преку акцијата на ИРЛ и граѓаните му биле злоупотребени личните податоци.
„Сега ќе ви кажам, јас добив меjл од едно, мислам дека беа околу три и пол илјади на број, што беа преку агрегатот на ИРЛ. Но, не знам како воопшто успеале преку агрегатот на ИРЛ од мојот мејл да испратат мејл на пратениците од трета изборна единица“, ни рече Иванов и додаде дека ќе се потпише на иницијатива за надзорна расправа иницирана од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Неговата сопартијка Драгана Бојковска ни изјави дека поддржува и анкетна и надзорна расправа:
„Штом заврши истрагата за Кочани, ќе иницираме сеопфатна расправа.“
Некои се осомничени за фалсификување, издавање или овозможување на дискотеката да работи, иако таа не ги исполнувала потребните безбедносни стандарди, а други за пропусти во надзорот и одобрувањето на противпожарната безбедност на објектот.