[Интервју] Винсент „Штрампелин“: Од Германија на велосипед до Македонија во потрага по култура и солидарност

„Обожавам да возам велосипед, да комуницирам со различни култури и со природата. Навистина би го препорачал начинот на патување со велосипед. Неверојатен e! <3 Секако, оваа ситуација (со пандемијата) е навистина посебна, со студеното време и ковидот. Но, со студот се справувам прилично добро“.  

Зборовите на Винсент Шноинг „Штрампелин“ (Vincent Schneuing „Strampelhin“) долго ќе ми одѕвонуваат низ глава. И, не само мене. Туку на сите луѓе што го запознаа и, барем на кратко, поминаа време со овој 25-годишен млад човек од Минхен, кој со велосипед од Германија патува низ Европа, а во јануари престојуваше и во Македонија.

Со Винсент се запознавме во просториите на уметничкиот колектив „Партизанска штампа“. Дистанциран, но не и резервиран, колективот периодов беше отворен да покаже она што работеше во текот на пандемиската година. Презентираа и свежи парчиња уметност, графики, цртежи, фанзини… Плус нудеа и бонус дружба.

Така, на 9 јануари кај „партизаните“ се случи промоцијата на првиот број на арт-зинот „На пример“ во соработка со „5060“. Се создаде амбиент, како свртувалиште за отворени луѓе, активисти и културни зависници. Мало друштво, под маски, размуабетено и активирано за уметност.

„Партизанска штампа“

Тука беше и Винсент, се „шуткаше“ наоколу. Одма се споивме со муабети за велосипедизам. Му покажував видео од телефон како возам точак на полноќ низ празно Скопје, а тој ми зборуваше дека патува од земја во земја, некогаш спиејќи и под отворено небо, во вреќа, додека надвор е мразарник!

„Супер! Сигурно имаш милион авантури зад себе?“, беше мојата првична реакција.

Дознав, Винсент ги знае активистките од Германија – Мара Апелхаген и Рамона Франк. Двете во 2019 допатуваа во Македонија да ја раскажат приказната за шумата Хамбахер. Со Мара правев интервју за Радио МОФ, а потоа ми беа гостинки и во „Канал 103“. Зборуваа отворено против профитерството и уништувањето на шумата – како луѓе спиеја со шумски куќички и стражареа во Хамбахер, за да спречат ископување на јаглен.

„Мара и Рамона?! Мал е светот, хаха!“, се насмеа Винсент.

Тој за себе вели дека во последниве години станал претежно номад и во својот роден град Минхен.

„Тоа е начин на живот со патување и правење креативни работи – музика, фотографија, видеа, готвење, организирање џем сесии итн. Понекогаш работам и како техничар за настани за театри, или правам работилници за фотографија и сл“, објаснува Винсент.

После колективно патување минатото лето низ Германија, посочува дека создале камп за креативна размена и караван за различни места за живеење во заедница. Името на колективот е „Пустеблуме“ (Pusteblume).

Фото: Pusteblume

Колективот, меѓу другото, е фокусиран на „инспирација, одржливост, интерактивна игра, велосипедизам, философија, сонување, споделување знаење и заедничко живеење“. Така пишува на нивниот сајт.

Штрампелин и Шаухин по патот на Марк Шнајдер

„Во октомври почнав да се подготвувам себеси („Штрампелин“) и мојот велосипед со име „Шаухин“ (Schàuhin). Се качивме на воз за Италија и траект за Албанија… По неверојатното патување низ Албанија и Македонија – поминав во Скопје за да добијам ковид-тест за Бугарија“, раскажува Винсент.

Барал место за престој, па ги нашол „пионерите“ во стара зграда од 60-ите. Така се запознал со Билјана и Милош од „Партизанска штампа“. Се спријателиле и заедно почнале да експериментираат со принтови.

Му покажале неколку дела од Марк Шнајдер, кој многумина го поимаат како човекот што фотографира „напуштени споменици што изгледаат како да се од иднината“. Винсент бил заинтригиран од сите тие фотографии и графики од бруталистички и монументални обележја.

„Градени уште во времето на Југославија по Втората светска војна, ги споделивме страдањата и борбите за слобода што се случија во тоа време. Бев возбуден од таа тема и почнав да ја проучувам“, вели Винсент.

За него, спомениците изгледале егзотично, а меморијалниот контекст му бил „тригерот“ за истражувањата.

Непријатна ситуација со Шаухин во македонски воз  

„Се качив на воз до Велес, за да направам видео од ‘Спомен-костурницата’. Уживав во друштво со некои деца од ова место. На враќање, повторно се качив на возот, но потоа се случија неколку чудни моменти… Откако на контролорот му го покажав мојот билет, тој гледаше долу во мојот ‘Шаухин’. Велосипедот беше на одлично место и на никој не му сметаше. Контролорот стануваше нервозен, па со време неговата глава од ‘портокалова’ стануваше ‘црвена’. Ми викаше дека има ‘проблем’ – тоа беше единствениот збор што го разбрав“, раскажува Винсент.

Одеднаш, контролорот го фатил „Шаухин“ на агресивен начин и го однел покрај вратата. Винсент, пак, се обидувал да разговара со него, но, тоа не фунционирало.

Ова е проблем за сите велосипедисти, странски и домашни. Затоа и иницијативата НаТочак веќе неколку години алармира и бара да се овозможи превоз на точаци во возовите на „Македонски железници“.

Штрампелин и Шаухин (архивско фото: Pusteblume)

„Се обидов да си го вратам мојот велосипед, но тоа не беше добра идеја… Тој стануваше поагресивен, па, чекор по чекор, ‘се вивнавме заедно како на лулашка’. Ми ја покажа тупаницата… Тоа беше моментот кога го заклучив велосипедот и отидов до некои луѓе за да побарам помош и превод’, се присетува Винсент.

Ми помогнале и бил благодарен. По некое време, контролорот се вратил пред здружената екипа и почнал да вика, покажувајќи „многу тупаници во воздухот“.

„Седев на неговото место… Откако се исправив, тој исчезна во кабината на машиновозачот од возот. Одлучив да го напуштам возот на следната станица. Додека возот заминуваше, нацртав срце и велосипед на прозорецот.. <3 Се вратив со Шаухин“, раскажува Винсент.

Назад во Скопје, а потоа на пат… накај Турција

Во следните денови Билјана и Милош и „дечкото од уметничкото училиште“ направиле убави принтови и си помагале едни со други. Се присетува, во „Партизанска шпампа“ запознал луѓе со отворен ум. Дискутираале, се информирале и работеле заедно. Имал одлично искуство во престојот во Скопје.

Уметничко парче произлезено од престојот во Скопје

„Разменивме скици и принтови што ги носам со мене, за да ги покажам наоколу и да ги одведам по патот…“, вели тој.

Додека го пишувам текстов, младиот германец со Шаухин се наоѓаат на пат до Измир во Турција. По мејл ми пишува дека понекогаш спие надвор, но претпочита стан, или ужива каде има „топол туш“.

„Времето ми одзема многу енергија, пример, ако возам велосипед цел ден, многу е поудобно да имате топол туш наместо да сечете замрзнати домати и да поставувате церада со ладни прсти, но, како и да е, ги сакам обете работи ;) Преминувањето на границата не е толку лошо, ако претходно сте го правеле ПЦР тестот. Како и со привилигиран пасош од Германија“, вели Винсент.

За него е задоволство да гледа напред – кон други луѓе со сличен начин на живот. Особено во креативната, музичката и активистичката сцена.

Така, вели тој, ќе станеме заедно посилни и ќе се поддржуваме меѓусебно на солидарен начин. Односно, со ваквото вмрежување можеме да си отвориме многу заеднички врати.

„И сигурно, инспиративно е да работиме едни со други и така стануваме понезависни во начинот на живеење“, констатира Винсент, од кој добив подарок кој стои во мојата соба, за да ме потсетува на слобода, вело-авантури, уметност и солидарност.

Бојан Шашевски