Мара Апелхаген, активист: Шумскиот отпор во Хамбах е протест против капитализмот, но и симбол на солидарност

„Отпорот во шумата Хамбах е симбол на борбата против капитализмот, профитерството и уништувањето на шумите. Симбол е на активизам, но и на солидарност против ископувањето на јагленот, протест против индустријата на фосилните горива. Дел е и од пошироко движење низ Германија поврзано со климатските промени. Разни луѓе, екологисти, активисти, љубители на природата, на одржливиот начин на живот – доаѓаат, застануваат со своите тела да ја бранат шумата. Ова е многу важна битка, за иднината!“, вели германската активистка Мара Апелхаген во интервју за Радио МОФ.

Апелхаген ја сретнавме на скалите пред Филолошки факултет. Насмеана и приземна, со фотоапаратот сликаше наоколу. Се интересираше за околината, младите, студентите, за активностите од универзитетскиот кампус. Будно прашуваше и за активизмот во земјава, низ призма на одржување граѓанска искра – за промени.

Апелхаген живее и студира во Минхен. Студентка е на Рејчел Карсон Центарот за животна средина при Универзитетот Лудвих Максимилијан. Таа е активист, ентузијаст, екологист, авантурист. Борец е и за зачувување на шумата Хамбах од северо-западот на Германија, каде неколку децении енергетската компанија РВЕ (RWE) врши ископ на јаглен, па 12.000 години старата шума е постојано сечена, под опасност од исчезнување.

Оттука, се најдовме со Апелхаген по нејзината презентација во предавална 8 на Филолошки, каде одржа презентација токму за шумата Хамбах. Таму шест години е формирана заедница и голем број активисти се собираат и кампуваат за да ја одбранат шумата.

„Ова е лична заложба, излез од академскиот меур. Заедно со пријателите се приклучивме на ова движење и паралелно се формираат многу групи, активизам за климатски проблеми, се организираат климатски кампови, демонстрации. Случајот со шумата Хамбах е ‘голем’ во медиумите. Моите родители ме поддржуваат, бидејќи ме знаат, следат преку медиумите. Но, во медиумскиот простор секогаш постои различен ‘агол’ за случувањата во Хамбах. Вклучени се различни економски и политички интереси“, објаснува Германката, која деновиве заедно со својата пријателка Рамона Франк допатува во Македонија за да ја раскаже приказната за германската шума.

Напоменува дека Хамбах е една од последните преостанати мешани шуми во Централна Европа со уникатен екосистем. Од првичните 5.500 хектари, денес останува помалку од една десетина. Вековната шума некогаш била наречена „граѓанска шума“.

Со својата разноликост на флората и фауната, Хамбах нуди живеалиште на мноштво видови, вклучително и лилјани, и лилјаци. Во преостанатите делови од шумата може да се најде габер и англиски даб постари од 300 години. Исто така, бројни миграциски птици ја користат како место за одмор при нивните патувања.

„Уште од 2012 година, доаѓаа млади луѓе, активисти, организации, луѓе со различни политички идеологии, луѓе кои не се согласуваат со капитализмот и профитерството. Знаат дека на идните генерации им се нужни ваквите ресурси за живот. Не ја сакаат ‘валканата’ енергија, ископот на јаглен. Знаат дека треба некакво поместување, нешто друго, бидејќи ова е стар систем. Треба да се најдат различни начини на дејствување, кои се одржливи. Затоа, ова не е само борба во првите редови, туку и едукација, пронаоѓање легални начини на отпор, и битка за иднината“, нагласува Апелхаген.

Објаснува дека некогаш „граѓанската шума“ сега во сопственост на концернот „РВЕ“, па затоа шест години е окупирана со куќички на дрвја. Имало 88, а сега се 53 куќички. Може и помалку. По протерувањето на шумската окупација во септември-октомври 2018, шумската заедница е во процес на обнова.

Новите населби се во источниот и западниот дел на Хамбах.

Дрвените куќи се поврзани воздушно, со своевидни скали, кои претставуваат пешачки патеки. Така шумскиот отпор може да ги посетува без да ја допираат земјата. Највисоката куќа е 25 метри над земја. Колку се повисоки, толку е потешко да бидат иселени од полицијата и властите. Со тоа, можат да останат сквотирани 365 дена во годината.

„Моментално има застој на работата на компанијата, па фокусот, вниманието е насочено кон луѓето. Има мини внатрешна ‘војна’ од полицијата. Гледате еден микроклиматски простор, го гледате распоредот на силите, од каде доаѓаат, кој кого поддржува, како политиката реагира, како компанијата е поддржана. Па, за мене, бидејќи студирам и антропологија, впечатливо е да ги увидам сите овие различни пристапи“, вели активистката.

Таа потенцира дека активизмот е многу важен. Насекаде. Ги споменува и познаниците, еко-активистите од „Го сакам Водно“, иницијатива што остави белег со домашната граѓанска борба во 2018 година. Апелира да продолжат да ја бранат планината, а притоа, што повеќе луѓе да се охрабрат, да им се прилучат во заеднички фронт.

„Кај нас, едноставно, ако немаше луѓе, ако немаше отпор – досега ќе ја исечеа шумата. Луѓе постојано доаѓаат, си одат, пак доаѓаат. Си одат со умор, носат нова свежина за борба. Да, некои од луѓето се навистина уморни. Исто така, некои од нив трпат насилство. Еден новинар умре во октомври, падна од висечките скали што ги поврзуваат куќичките. По ова, беше најавен мирен ден, без да има бркање од шумата. Ова беше изјавено во јавноста, но, сепак доаѓаше полиција, апсеа луѓе. Седевме во круг, а луѓе беа ‘собирани’“, раскажува Апелхаген.

Ресурсите и помошта во кампот, вели таа, доаѓа однадвор. Кој колку може. Пристигнува неупотребена вишок храна од супермаркетите. Од семејства, стари мажи и жени носат разни производи, особено вода.

„Проблем е што компанијата ја испумпа целата вода, можеби 500 метри подземна вода – ја нема. Значи, нема вода во природата, но има од околната заедница. Луѓето во околината се револтирани, урнати се цркви, се простираат цели ‘градови на духови’…“, нагласува таа.

Според неа, постојат различни проблеми, па прашањето е каде да ја насочиш енергијата? Во која борба? Затоа, привилегија е некогаш да се фокусираш единствено на животна средина, а не на пример на економски, политички или социјални теми.

„Но, проблемите со дисперзираната енергија, сепак, се поврзани и со економија, политика и социјала. Затоа ова е многу важно! Луѓето мора да знаат за овие работи. Што е основата, коренот, за да може да се прават долгорочни и одржливи решенија. Бидејќи неколку луѓе можеби утре нема да бидат таму“, забележува Германката.

Кога кај нас зборувала со студентите на Филолошки, тие велат „не можеме да направиме ништо, ќе имаме проблеми со власта“. Секако, ги разбира. Но, вели таа, во одреден момент мора да произлезе некоја искра, некоја револуција.

„Револуциите не секогаш се движат во посакувана насока, но активизмот е важен. Секогаш. Кога се ставате себеси, вашето тело за каузата, кога правите ‘скандал’, привлекувате внимание. Па привлекувате и повеќе луѓе да се вклучат. Прашањето што се поставува во јавноста е ‘колку луѓе се таму’ и ‘колкава е групата’. Затоа мора луѓето да го почувствуваат ‘тоа’“, констатира Германката.

Моментално, за Хамбах е потегнат е судски процес поради загрозен вид на лилјак (Bechstein’s bat – Myotis bechsteinii). Компанијата „РВЕ“ не работи, но луѓе остануваат во шумата, чекаат на готовс.

Бојан Шашевски