[Интервју] Стрип-архитектонската љубовна приказна на Андреј Павлов – преточена во изложба

Умешноста да се спојат супер-хероите и архитектонските дела е преточена во првата самостојна изложба на младиот уметник од Скопје, Андреј Павлов. Тринаесет композиции во дигитална композиција ја раскажуваат стрип-архитектонската љубовна приказна. Неговата инспирација за оваа изложба се архитектонските дела и архитектите кои направиле автентичниот впечаток на Скопје.

Поразговаравме со Андреј, за неговите супер-херои, за тоа што им е потребно на младите во Скопје и како е да се живее како уметник.

Која е инспирацијата за изложбата „Skopje Heroes and buildings“?

Инспирацијата за изложбатa, чиј неофицијален поднаслов е „Изложба за Скопје, за нас“,  е Скопје, архитектурата на градот, архитектите и сите оние што придонеле за изгледот на Скопје, од земјотресот до денес, тие што направиле некој автентичен отпечаток. Идејата е тоа, сите ние сме херои, или познаваме некој што си го сметаме за херој. Многу добра личност, позитивна, личност што сака да дарува, почитува, да даде се од себе.

Спојката на секојдневните херои што шетаат низ Скопје и како ние коегзистираме меѓу себе. Тоа е инспирациајта и идејата за изложбата, како балансираме и постоиме во ова Скопје, како херои, индивидуи, луѓе што познаваме херои. Ние и Скопје како коегзистентна единица за Скопје, за нас. Рефлексија на самите себе си, и рефлексија на самото Скопје.

Колку време работеше на овој твој прв проект?

Ова е проект што го завршив релативно брзо, во месец дена ги „исцедив“ овие 13 илустрации, иако како идеја ми стоеле многу оддамна, со тоа што се смени концептот. Цел живот сум фан на стрип културата и сум пораснал гледајќи, читајки стрипови и се околу стрип културата. Сакав да се земат оригиналните страни од првите стрипови и да се прецртаат како илустрации, со што би се вметнале во некоје архитектонско дело или дел од Скопје.

Првото нешто што го направив беше со Спајдермен и главната пошта која е во бруталистички стил. Ја направив илустрацијата и ја оставив. Следниот ден повторно го отворив делото, го споделив со најблиските и имаше некој интересен ефект. Си реков ќе продолжам да го правам ова, да видам како ќе се развива. Во рок од месец дена излегоа сите илустрации. Во меѓувреме се појави повикот на којшто сум пријавен. Сакав да направам многу повеќе, но времето за изложбата беше веќе закажано со термин. Моментално постојат само 13 илустрации, а доколку се покаже проектот како успешен, би продолжил да го правам ова, затоа што има згради кои не се опфатени. Ова е моја прва самостојна изложба, како ваква, иако е поразлично од она што јас го работам. Се бавам со еден стил кој е наречен „one line“ што веќе скоро 2 години го работам, односно цртам ликови и тела, со една линија, значи со еден потег. Почнувам од една точка и не прекинувам додека не се заврши.

Зошто баш тие архитектонски дела и баш тие суперхерои?

Гледав да ги одберам моите најомилени, она што најмногу сум читал и сум бил во интеракција, иако не се сите опфатени, оние што ми биле најатрактивни и што може човек да се поврзе со нив. Спајдермен отсекогаш бил тинејџер, што има проблеми исти какви што има секој тинејџер. Проблемите што ги има секој од нас во нашите 20 години. Идејата беше таква, а градбите се избрани малку да потсеќаат на приказната на тој херој.

Прост пример, илустрацијата на Ајрон мен е поврзана со СД „Гоце Делчев“, сликата се вика „Визионерот“ со тоа што поврзаноста е таа, во тие градби, особено во студентските домови каде што живеат многу силни и многу паметни луѓе кои имаат визија да станат нешто големо, дека секој може да порасне од нешто во нешто поголемо, да биде свој или да биде нечиј супер-херој.

Дали со твоите очи, после оваа изложба, ќе гледаш на архитектонските дела на поинаков начин?

Да, отсекогаш ми била фасцинантна архитектурата кај нас и во светот. Имам многу блиски луѓе што се занимаваат со архитектура и додека работев на проектов, често и со нив разговарав, како референтна точка, дали се препознава кој е, дали е јасна приказната што сум сакал да ја доловам со тоа. Пред да ја правам изложбата и во текот, многу сакам да шетам и да зјапам, ќе видам некој детаљ што може да изгледа многу добро. Едно ќоше или некој детаљ од некоја градба, да пробам да го фотографирам тоа, за да го реплицирам како такво. На пример, нешто што сакам да го направам, а не успеав е Хотел Бристол. Мислам дека по 20 минути седев околу хотелот, шетав, сликав, пробувам да фатам некој кадар што би бил атрактивен и да го доловам моментот, затоа што има многу убави градби што треба да се овековечат. Да се даде некој нов шмек. Идејата е да е стрип-архитектонска-љубовна приказна помеѓу луѓето на Скопје, Скопје и неговата архитектура.

Кои се твоите супер-херои?

Моите супер херои во животот ми се сите оние што ме инспирирааат, почнувајќи од баба ми, дедо ми, мајка ми, татко ми, сестра ми и сите пријатели, блиски и сакани. Секој што на некаков начин успеал да допре до мене, да ме инспирира, насмее, расплаче, ги сметам за супер-херои и влегуваат во тој шаблон, допреле до мене и направиле некако импакт на мене, како целина. Многу од нив до ден денес, дали во овој стил, или во стилот што го работам повеќе, пробале или ми биле инспирација за некое од делата што сум ги направил.

Дали работиш на некои нови проекти?

Моментално имам неколку од илустрациите со супер-хероите. Хотел Бристол и Камени мост кои сакам да ги направам, како надоврзување на овој проект или втор дел на оваа изложба. Со тоа што не е фиксно најавена како изложба, него е со илустрации кои што сакам да ги направам, па доколку се покаже како успешен проект, да се направат како такви.
Во иднина продолжувам да работам како слободен уметник, илустратор. Секогаш има нешто, и пробувам да си дадам следна задача сам на себе, за да се држам активен и во константна инспирација за се што се случува околу нас.

Како е да се живее како уметник во нашата држава и дали може да се живее само од тоа?

Кај нас сакам да верувам дека може, затоа што луѓето полека стануваат гладни за убаво, за естетика, дело кое што има приказна или дело во кое тие гледаат приказна. Уште се сметам за студент, уште не можам сосема да се осамостојам, меѓутоа сакам да верувам дека може. Бидејќи сега, почнува да се има некоја свест за уметност.
Сакам да верувам дека може и мислам дека би можело, само треба да се биде упорен. Фриленсот ти дозволува да работиш од надвор, да имаш клиентела од надвор, не само луѓе од тука, што е доста добро.

Како гледаш и што мислиш за проектот Скопје 2014. Дали користиш објекти од овој проект?

Не! Кога ќе се види на изложбата, нема од проектите на Скопје 2014, не можам да кажам дали е свесно или несвесно сум го направил. Има луѓе што ми спомнаа, можеш да го направиш ова и ова, како Воинот на коњ. Генерално, тие се нови работи, од секое ќоше на Скопје се гледаат, мене не ми прави некое чуство дека се достојни. Сакав да се градби што се направени и имаат голема приказна, кои се дел од Скопје и кои биле многу долго време од Скопје, си остареле со луѓето, со градот. Не ми се допаѓа оваа преголема урбанизација, градење и преградување. Јас сум од Тафталиџе, населба која отсекогаш била со бараки, односно мали куќички со два спрата. Сега се е пренатрупано, сакаат и пробуваат да затворат некои паркчиња и зеленило. Многу беше убаво што имаше иницијатива која се викаше „Зелено Тафталиџе“, каде луѓе од цело Тафталиџе се собиравме и дружевме, стоевме зад една цел дека ова е парк и треба да остане зелено, тука треба да трчаат деца и да има нишалки. Тоа е вистинското „Авенџрс асембл“, вистинското суперхеројство на луѓето, обединети колку можат силно да заштитат нешто кога имаат заедничка цел.

Што им е потребно на младите во Скопје?

Инспирација, слобода да бидат тоа како самите се гледаат, без разлика дали се работи за слобода да посегнат во некоја креативна насока, без разлика дали се работи за сексуална ориентација, им треба слобода, инспирација, луѓе или работи, филм, музика, било што, што ќе им вдахне потреба да си бидат свои, да го прават тоа што го сакаат и да го следат својот морален компас, да го следат зацртаното.

Сега е времето да се пробува, кога си млад, да се биде „чуден“ на свој начин бидејќи луѓето што се различни или чудни имаат шанса да бидат уникатни, затоа што прават нешто што е нивно, уникатно за нив. Тоа доаѓа во многу форми и големини, без разлика дали е уметност, проект, но да прават нешто што чувствуваат дека треба да го прават во ова време и во ова место. Искрено се надевам, дека овој проект и сите наредни што ќе ги правам ќе даваат ентуијазам кај помладите и луѓето од мојата генерација, ентузијазам да бидат свои.

Мартин Колоски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.