[Интервју] Николина Павичевиќ: Социјалните мрежи во етерот ги туркаат табу темите и тие стануваат помалку табу

На овогодинешната конференција за социјален активизам „ENGAGE“ пристигнува Николина Павичевиќ, активистка, инфлуенсерка и новинарка од Црна Гора која е и основач на популарната Инстаграм платформа „Критички“.

Преку „Критички“ – платформа која постои речиси три години, Павичевиќ се труди гласно да говори за актуелните социјални проблеми, родово базираното насилство, менталното здравје и родовата нееднаквост, а нејзиниот глас продира и во табу темите што ја засегаат Црна Гора.

Павичевиќ во панел делот на „ENGAGE“ ќе говори на тема „Револуцијата на клик – социјалните мрежи како средство за промени“. Во продолжение со неа разговараме пошироко за наметнатите општествени норми кои едни треба да ги почитуваат, а други да им се потчинуваат, влијанието на медиумите и искуствата на младите кои се соочуваат со различните форми на притисок во општеството.

Николина Павичевиќ

„Првата објава на платформата ‘Критички’ се случи во август 2020 година. Таа беше поврзана со ‘токсичната машкост’, а тоа подразбира сет правила што општеството им ги доделува на машките само затоа што се машки и од нив очекува да ги исполнуваат без никакви прашања. Тоа вообичаено претставува емоционална дистанца (една емоција која им ја ‘простуваме’ на машките е лутината, бесот и др.). Страницата ја отворив кога и сама сѐ повеќе почнав да забележувам начинот на кој се релативизира насилството врз жените“, раскажува Павичевиќ.

„Критички“ функционира и на начин што нејзините следбеници споделуваат искуства за одредени стигми на кои наидуваат со што им се дава можност слободно да го искажат својот став и да видат како другите размислуваат за тоа. Таа, како креатор на платформата вели дека со тоа заедницата станува посилна, а поединците сфаќаат дека не се сами во одредена тема.

„Понекогаш тоа е сосема доволно, затоа што не мислам дека имам моќ да направам позначајни промени. Вака во етерот се туркаат табу темите и стануваат помалку табу“, смета активистката.

Додава дека често се случува некој да ѝ пише дека одредена објава му помогнала да ги согледа работите од другата страна, дури и ако тој процес значи одучување од она што досега го знаеле и учење одново.

„Секогаш одново се изненадувам дека содржините на платформата навистина имаат влијание и може да направат и некоја мала разлика. Една од темите што беше популарна е акушерското насилство и мило ми е што после тоа отиде во јавниот дискурс, а исто така тука е и одмаздничкото порно по групите на Телеграм“, посочува Павичевиќ.

Принтскрин од објава на „Критички“

На платформата може да се најдат бројни објави за т.н одмаздничко порно и неговото нерегулирање во Црна Гора. Павичевиќ објаснува дека во моментов се поднесени амандмани за измена на Кривичниот законик со што овој вид насилство би бил соодветно дефиниран, а вршителите казнети.

„Што се однесува на законските рамки во Црна Гора тие се навистина добро поставени. Главниот проблем е што ‘обичното право’ е често многу поважно од ‘женското право’, а ни останатите балкански држави не се исклучок од оваа пракса“, смета таа.

Покрај негувањето на „Критички“, Павичевиќ има дипломирано на Факултет за медиуми. На Инстаграм платформата може да се забележат објави со критички опис за вести на таблоиди и начинот на кој тие известуваат за одредени теми кои се сензитивни за јавноста, а што потоа води и до негативни коментари.

„Повеќе пати сум се занимавала со тоа дека кога се известува за насилство врз жените, според насоките за известување за родово базирано насилство, не треба да се користи сензационалистички говор, не треба да се правда таквиот чин итн. Што се однесува за негативни коментари, во главно не сум изненадена зашто сум свесна дека овие теми ги провоцираат нормите на кои сме навикнале“, поентира активистката и додава дека досега не ѝ се случило некој медиум да ја нападне или да добие закана или негативен коментар од таблоидите кои ги критикува.

Павичевиќ соработува и со други активисти од околните земји, смета дека засега постои убава сорботка и има меѓусебна поддршка.

„Сепак, мислам дека би требало уште повеќе да се вмрежуваме и да си помагаме особено затоа што имаме слични цели, иако можеби решенијата за нив ни се разликуваат“, вели таа.

Таа оваа година доаѓа во Македонија, на годинешното издание на „ENGAGE“ кое ќе се одржи на 9 јуни на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје со почеток од 13 часот. Покрај активистички говори, на програмата има и интерактивни работилници како и вечерна журка со бендови од растечкиот колектив „Гола планина“ – „ENGAGE the night“.

Ангела Бошкоска