[Интервју] Неги Кокс: Ја истражуваме Марс за да научиме повеќе за Земјата

Неги КоксНеги Кокс е инженер за системи во вселенски летала во НАСА и дел од операцискиот тим на научно-истажувачката лабораторија на Марс – роверот „Curiosity”. Деновите е во посета на Македонија каде одржа повеќе предавања за своите истражувања, откривајќи детали за Црвената планета. Што се случува со роверот „Curiosity”, кои се последните откритија за Марс, но и кои се планети се интересни за научниците од НАСА, раскажува инженерката Кокс во интервјуто за Радио МОФ.

Дел сте од програмата на НАСА и управувате со роверот „Curiosity“ кој слета на Марс во 2012 година. Која е целта на оваа мисија и 4 години од слетувањето, што дознавте за Црвената планета?

Предмет на мисијата беше да се надоврземе на претходните мисии каде беше откриено дека некогаш имало вода на Марс. Сакавме да преземеме следен чекор и да дознаеме дали водата таму била доволно долго и дали на Марс некогаш имало живот. На Марс со роверот сме веќе 4 години и откривме дека некогаш планетата можела да поддржува живот. Ова и беше причината зошто заминавме таму, но сега кога знаеме дека на Марс имало вода и услови за живот, сакаме да дознаеме две работи – што се случило, зошто Марс се изменил, но исто така и ако можело да има живот, да ја решиме загатката дали има материи за одржување на животот. Знаеме дека се потребни неоргански и органски соединенија. Ги откривме неорганските, па сега се обидуваме да научиме како да пронајдеме покомплексни градивни состојки за живот. Иако сме веќе 4 години, имаме многу работа пред нас за да ја запознаеме Марс доволно добро и да научиме каде да истражуваме.

Сепак минаа четири декади од првото слетување на Марс, во 1976 година. Според досегашните откритија, кој е вашиот став, дали Марс може да биде погодна планета за живот?

Во минатото на Марс би можело да има вода, да има океани, но не и денес. Сега е многу суво и ладно,  па дури и ако се уште има вода многу малку од неа би била во течна состојба. Ние претпоставуваме дека ќе има интернационално присуство на Марс некаде околу 2040 година, но животот нема да биде онаков каков што го замислуваме, туку тоа ќе бидат истражувачки бази и вселенски станици . Малку луѓе ќе живеат и прават експерименти. Така го предвидуваме истражувањето на Марс, како база за научници и истражувачи, но не и како место на кое ќе живеат многу луѓе. Секако би можело да има лимитиран туризам, но тоа ќе биде оставено дефинитивно за во иднина.

За колку години од сега, според вас?

Ако првата човечка мисија на Марс ја пратиме во 2040 година, имајќи во предвид како сега се движат работите, заминувањето и враќање на мисиите, секако би поминале стотина години. Ова секако не значи дека комерцијалните компании или други состави не би можеле да речат – ајде сега да го зголемиме превозот на луѓе. Но , сепак постојат многу технолошки замки кои ќе мора да се надминат.

Дали, според вас, е многу веројатно во блиска иднина приватните компании да го преземат местото на НАСА, бидејќи се чини дека тие гледаат големи профити во оваа област?

Приватните компании дефинитивно работат паралелно со НАСА. Во однос на тоа дали ќе го преземат местото на НАСА важно е да се види кој ќе ја сработи работата поефикасно, па според тоа и кој треба да ја прави. Ние имаме обврска, поради парите на даночните обврзници, да го избереме најдобриот пристап. Ако комерцијалните компании тоа го прават еднакво добро или подобро, побрзо и поефикасно, тогаш ќе одиме кај нив. Ако е подобро да се свртиме кон домашните експерти, тогаш ќе го сториме тоа. Клучот е во тоа да се направи најдобрата работа за даночните обврзници.

Велите дека Американците главно не ги поддржуваат ваквите истражувања бидејќи тие се финансирани од  јавните пари. Сепак за ова се двои само 1 % од буџетот. Дали е доволно?

Мислам дека Американците, па и секој народ, секогаш прашува дали би можело нешто друго да се направи со јавните пари. Сепак, кога ќе дознаат дека се троши само 1% од буџетот на САД, тогаш разбираат дека и не е многу, дека тоа е разумна сума која се инвестира за иднината, за нашите деца, за науката и технологијата. Секако, со повеќе пари би можеле да сториме повеќе, но подобро е кога имаме стабилен буџет, отколку тој да варира. Ако се земат во предвид и другите приоритети на САД, ние се обидуваме да сториме што е можно повеќе со овие пари.

Има ли силен притисок, па и страв од неуспех, кога знаете дека целиот свет ве гледа и го чека следното големо откритие?

Се навикнавме на тоа. Сме имале многу неуспеси, но знаеме дека кога нема да успееме, мора да објасниме зошто, бидејќи ги трошиме нечии пари, на американскиот народ. Затоа разбираме дека ако успееме да објасниме поради што е неуспехот, само тогаш постои можност да кажеме дека треба да продолжиме и повторно да се обидеме, или пак да речеме – не, ова не е добра идеја. Така на пример кога се урна вселенското летало „Challenger“, кога беа изгубени многу (7 членови на екипажот во 1986) животи, додека да разбереме што се случи ги запревме другите вселенски лансирања. Беше неопходно да се дознае што се случи пред да испратиме други астронаути во вселената. Свесни сме дека секогаш кога работиме на мисија може да се случи неуспех, бидејќи никогаш претходно не било сторено тоа. Но, тоа не значи дека нема да продолжиме да се обидуваме.

Во моментов работите на нов проект „Mars Oxygen Experiment“. За каков проект се работи?

Се уште во дел од работното време го управувам Роверот, но работам и на нешто што ќе помогне да се направи кислород на Марс. Ова го правиме бидејќи многу време и работа се потребни за се што треба оттука да се однесе на Марс. Затоа, би било добро ако може да се искористат тамошните материјали. Овој кислороден генератор е првиот чекор за да научиме да ја користиме атмосферата на Марс и да одвоиме јаглерод моноксид и кислород. Засега е многу мал експеримент, но потоа ќе се обидеме да го направиме поголем. Ова е важно како прв чекор пред да испратиме луѓе. Навистина е многу возбудливо, но и тешко. Се уште учиме како да го направиме тоа, бидејќи никој го нема направено пред нас.

Покрај Марс, кои други планети се интересни за научни истражувања?

Венера е исто така многу интересна. Ние можеме  да научиме од Марс како планетата се менува, за да се осигураме дека ние нема така да ја смениме нашата планета. Истото е и со Венера, која има многу тенка атмосфера и ефект на стаклена градина што е многу лошо. Претопла е за да има живот. Таа е на другата страна од екстремното. Треба да се осигураме дека и тоа нема да се случи на нашата планета. Затоа, во однос на изучувањето и на нашата планетите Марс и Венера се многу интересни.Секако има и други во Сончевиот системи, има движења на големите планети, како Јупитер и Сатурн, кои укажуваат дека би можеле да имаат вода,поради што се интересни за истражување.Овие светови изгледа како да би можеле да имаат океани, па би сакале да го видиме тоа и да видиме што има во тие океани.

Кои се следните планови со роверот „Curiosity“?

Сано што почнавме да се искачуваме на планината Шарп, која ја има историјата на Марс на едно место. Во моментов итражуваме каков е теренот и како што полека се качуваме ќе бараме записи во камењата, за тоа како изгледал овој регион. Колку повеќе ќе ја запознаваме областа, толку поефикасно ќе може да разбереме каде да бараме градечки состојки за живот.

Ј.Ј.