Предавање за патувањето до Марс со Негин Кокс, дел од операцискиот тим на роверот „Curiosity”

Негин Кокс е инженер за системи во вселенски летала при NASA Jet Propulsion Laboratory. Таа во моментов работи како дел од операцискиот тим на Научно-истажувачката лабораторија на Марс – роверот „Curiosity”. За нејзината работа и патувањата до Марс, ќе зборува на предавањето, закажано за 6 април, во Младинскиот културен центар, со почеток во 19 часот.

Кокс ќе ја раскаже приказната на НАСА, од првите ровери до последниот ровер на Марс – роверот „Curiosity”, за научно-лабораториски испитувања на Марс. „Curiosity” спектакуларно слета на Марс во август 2012 година и до сега има направено неверојатни откритија.

Местата се ограничени, затоа потребно е претходно да се пријави присуството на овој ЛИНК.

Негин Кокс дипломирала на Универзитетот „Корнел” со диплома за oперациско истражување и индустриско инженерство, и диплома за психологија, и била назначена како офицер во воздухопловните сили на САД. Работела во F-16 Екипажот за обука и е магистер по инженерство за системи користени во вселенски операции од Институтот за воздухопловна технологија. Како капетан, има служено како аналитичар за орбити во NORAD/Вселенската управа на Шејенските планини, Колорадо Спрингс. Во 1993 започнува да работи во Лабораторијата за млазен погон (Jet Proupulsion Laboratory) и оттогаш па наваму, работи како системски инженер и е менаџер на неколку интерпленарни роботски мисии, вклучувајќи ја и NASA/JPL „Галилео” мисијата на Јупитер, мисиите со ровери на Марс и мисијата на телескопот „Кeплeр” за потрага на други планети во вселената слични на Земјата.