[Интервју] Михал Вожњак, хакер: Користете силни лозинки и не им верувајте на големите технолошки компании

Ако пред илјадници години, поголемиот дел од комуникацијата се одвивала директно, на начин што било невозможно да се следи, снима или пак да се гледа кој со кого комуницира, денес во средина секогаш има трета страна која го прави тоа, вели хакерот и активист Михал Вожњак од Полска.

Тој годинава беше еден од говорниците на ENGAGE – Конференцијата за друштвен активизам, каде зборуваше за технологијата и демократијата.

„Денес повеќето од комуникацијата се случува онлајн и тоа значи дека секојпат кога разговарате со некој има уште некој што слуша. Секојпат кога зборувате со некој има некој што може да ја блокира, или да ја модифицира пораката ако сака. Или може да ја сними пораката или да дознае кој со кого разговара“, вели Вожњак во интервју за Радио МОФ.

Познат на интернет просторот уште како „rysiek“, Вожњак е надлежен за безбедноста на информациите и комуникациите во Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, кој пред 4 години го објави скандалот со „Документите од Панама“. Новинари открија тајна мрежа на политичари од цел свет, поврзани со офшор-компании во даночни оази.

Најголем предизвик за Вожњак во тој период биле бројните напади кон веб-страницата на организацијата – од „фишинг“, па до „ди-дос“ напади.

„Имаше случај во Полска за време на „анти-акта“ протестите во 2012, кога веб-страницата на премиерот беше хакирана со протестна порака која беше навистина смешна. Премиерот веднаш почна со обвинувања „вие сте терористи, сајбер криминалци…“, но излезе дека корисничкото име за страницата било „Админ“, а лозинката „Админ 1“. Сериозно! Користете „Password manager“, тој генерира силни лозинки и вашиот живот веднаш ќе биде полесен“, советува Вожњак.

„Користете лозинки, двојна идентификација и не верувајте што „Мајкрософт“, „Гугл“, „Фејсбук“ и други големи технолошки компании ви велат“, додаде тој.

Прашан за тоа дали има безбедно место на интернетот, Вожњак шеговито потпраша – „Колку безбедно?“

„Една работа е тоа што има алатки како „Сигнал“ и „Рикошет“, или пак други помалку или повеќе чудни алатки кои нудат вистинска енкрипција и се разумно безбедни. Поради тоа што се „open source“ и бидејќи се оценети и ажурирани од многу различни страни, значи дека можеме да бидеме отприлика сигурни дека компанијата и никој друг не може да ја наруши комуникацијата. Но, сѐ уште се случува на вашиот телефон, а телефонот може да е две години стар, неажуриран и тоа значи дека твојот телефон можеби има „malware“, објаснува Вожњак.

Според Вожњак, коренот на овие проблеми е немањето доволно информатичко образование во училиштата.

Во Полска, во моментов имаме информатика, информатичко образование, но во суштина тоа се 8 или 11 години часови по „Мајкрософт“. Тоа е бескорисно, бидејќи децата на тие часови најчесто знаат повеќе од нивните наставници. Ова не е корисно за никој, ова е губење на време и ова е време што може да биде искористено за важни работи како учење на децата за онлајн приватност, емпатија. Не мора да биде само онлајн, тоа е истиот свет, само е различна алатка. Да разберат како тие алатки функционираат и да ги направиме чувствителни за с**њето кое големите и мали технолошки компании ни ги продаваат“, нагласи тој.

Обичен корисник речиси е невозможно да знае сѐ за приватноста, смета Вожњак. Дури и тој се наоѓал во ситуации кога правел грешки. Според него, компаниите како „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“ се тие кои им отежнуваат на луѓето да ја зачуваат својата приватност онлајн.

„Додека ова не се промени, додека не ја промениме структурата на технолошките компании, јас не мислам дека многу ќе се промени. Дваесет години ги обвинуваме корисниците, а не се тие виновни. Има компании кои милиони вложуваат во тоа да ви отежнат да ја заштитите вашата приватност, што не е во ред. Има и трета работа. Ни треба регулација. Толку едноставно. Ни требаат експерти кои ќе седнат, ќе сфатат што е нелегално“, предлага Вожњак.

Како пример го спомена европскиот закон за заштита и приватност на податоци –  GDPR (General Data Protection Regulation), кој е прв ваков закон во светот.

„Веќе е ефективен и ги принудува компаниите да размислат двапати или трипати што прават со нивните приватни податоци и мислам дека тоа е одлично, дека тоа функционира“, нагласи Вожњак.

„Секогаш ќе биде тешко, секогаш ќе биде компицирано, но секогаш има начин да се напишат закони кои нема да бидат злоупотреби или пак ќе биде тешко да се искористат“, додаде тој.

Но, што се прави со говорот на омраза онлајн?

„Твитер со години ја разгледува опцијата да блокира нацисти од нивната платформа и тие сѐ уште не го направиле тоа бидејќи тоа ќе значи губење корисници“, започна да објаснува Вожњак.

Како интересен пример ја посочи платформата „Федиверс“ со илјадници мали сервери, каде комуницираат и по неколку илјади корисници.

„Тие мали сервери си комуницираат меѓу себе по заеднички протокол, на начин како што е-мејлот го прави тоа. Може да имате профил на еден сервер и на друг, и ќе може да комуницирате меѓу себе иако серверите не се водени од истата организација. Овие алатки се изградени по одредени контроли, како на пример – секој корисник може да блокира друг корисник, но исто така секој корисник може да каже „знаеш што, не сакам да примам никакви пораки од овој сервер“. Штом група од ултрадесничарски тролови ќе станат досадни, тие се игнорирани. Тие се уште ќе постојат, никој не ги цензурира, но она што се случува е дека бидејќи секој носи своја одлука, за тие тролови речиси никој нема да слушне, бидејќи сите ги игнорираaт, технички ги блокираат. И бидејќи тие блокови се ефективни, јас речиси и да немам видено десничар или тролови на платформата, но нема тело или организација која решила да ги цензурира“, појасни Вожњак.

„Излегува дека луѓето не сакаат нацисти“, се пошегува тој.

Според него, големите компании не смеат да се преправаат дека не се одговорни за случаите со говор на омраз на нивните платформи.

„Ако имаш проблем со тоа, тогаш немој да си толку голем. Си ја донел одлуката и сега носи се со неа“, одлучно вели тој.

Емилија Петреска

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.